Гете-институт ја носи во Скопје светската патувачка изложба за врвните истражувања во Германија


Во Скопје денеска во 11 часот во КИЦ ќе биде отворена интерактивна изложба која ќе опфати пет големи тематски области како вселена, историја на човештвото, мозок, антропоцен и вештачка интелигенција.
 
Како што најави Гете институтот – Скопје, изложбата ќе ја отвори заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија Ото Граф, а ќе има претставници и од Министерстовото за образование и наука, активистот и основач на апликацијата „Мој воздух“ Горјан Јовановски и заменик-директорот на Гете-институт Скопје Фалк Шлајхер.
 
Изложбата Вселена.Човек.Интелигенција. обработува пет големи тематски области: вселена, историја на човештвото, мозок, антропоцен и вештачка интелигенција. За секоја од наведените теми постои соодветна станица, на која посетителите на забавен начин и со интерактивни елементи може да дознаат повеќе за темите како што се на пр. компјутерско преобразување (морфинг) на лице, прикажувања на растојанија во вселената со помош на атмосферска обвивка, инсталации, со кои може да се доживеат различни емоции преку влијанието на музиката или интеракцијата на роботите и сл.
 
 
Целта на изложбата е на сите заинтересирани за Германија и германскиот јазик да им се покаже дека истражувањето во Германија ужива висок статус и е важен дел од германската култура. Изложбата поттикнува љубопитност за истражување на различни полиња и стимулира размислување за научни и општествени теми.
 

Влезот е бесплатен. Посетата е од 10 до 20 часот.

Повеќе информации ќе  најдете на страната на Гете-институт Скопје www.goethe.de/skopje.