Германското „сосема поинакво“ претседавање со ЕУ


Германската канцеларка има шест месеци за да издејствува компромиси во ЕУ. Највисок приоритет има борбата против последиците на пандемијата на коронавирус. Уште сега е јасно: вакво претседателство досега немало

 

Промената на претседавањето со Советот на ЕУ на 1 јули во нормални услови не би била ништо посебно. Од основањето на Унијата во 1957 година, секои шест месеци друга држава, според однапред договорена шема, презема раководење со седниците, организацијјата и дневниот ред и се обидува да ги придвижи преговорите во сите можни политички области. Наоѓање копромиси и ставање на интересите на сите под иста капа е девизата на секое претседателство. „Тоа успева некогаш повеќе, некогаш помалку”, вели еден искусен дипломат. Значи, нема причина за голема возбуда?

„Најголемиот предизвик

Сепак, има! Овојпат сѐ е поинаку. Пандемијата на коронавирус го преврте светот на глава и води кон најголемата економска криза во последните 100 години. „Не е никакво претерување да се каже дека ЕУ се наоѓа пред најголемиот економски предизвик во нејзината историја. И мерките за нејзино надминување треба да бидат адекватни”, изјави новиот претседавач со ЕУ, германската канцеларка Ангела Меркел на прес-конференција пред почетокот на ротациското претседавање.

EU-Ratsgebäude in Brüssel (DW/B. Riegert) 

Случајот сакаше, покрај санирањето на последиците од короната, сега да треба да биде донесен и седумгодишниот буџет на ЕУ. Економски најсилната и најголемата земја-членка го води претседавањето со искусна кризна менаџерка на челото. Тоа може да се нарече среќа во несреќа, смета Софи Порншлегел од тинк-тенкот „Европски политички центар” во Брисел. „Германија има изразито проевропска влада, која сака нешто да постигне и е свесна за сериозноста на ситуацијата среде кризата.”

Короната има приоритет

Проблемот е голем, зашто во прашање е фундаментална помош за од пандемијата погодените земји, неопходна е огромна финансиска прераспределба чиј вкупен волумен треба да изнесува 1,85 билиони евра. Досега невиден акт на солидарност, кој треба да го осигура постоењето на ЕУ. „Наша заедничка цел сега мора да биде да ја совладаме кризата заеднички, трајно и со поглед кон иднината. Токму тоа ќе биде лајтмотивот на нашето претседавање со ЕУ”, најави Ангела Меркел. Заедничкиот германско-француски предлог за „корона фонд за обнова” како финансиска инјекција и седумгодишниот буџет на ЕУ, Меркел планира да им ги направи прифатливи на останатите 26 членки уште во идните недели, на првата по неколку месеци лична средба во Брисел. За таа цел, ЕУ првпат ќе преземе заеднички долгови кои членките на Унијата ќе треба да ги отплаќаат во идните 30 години.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во разговор за Дојче веле јасно кажа Германија при своето претседавање ќе се раководи и од своите интереси. „Држава како Германија, извозно ориентирана, профитира од тоа во Европа на сите да им оди добро. Затоа сакаме да се погрижиме да им се помогне на земјите кои се посебно погодени од пандемијата на коронавирус, како Италија или Шпанија, за што побрзо да излезат од кризата. Тоа не е добро само за овие земји, туку и за Европа и за Германија”.

Големи очекувања

Земјите-веројатни приматели на помошта ја одобруваат идејата за фондот за обнова. Земјите-давачи, првенствено „штедливата четворка” (Австрија, Шведска, Данска, Холандија), Ангела Меркел треба допрва да ги убеди. Ќе биде тешко, призна канцеларката, која по 2007 година вторпат го презема претседавањето. „Мостовите кои допрва треба да ги изградиме се големи, тука нема дилеми.”

За ова германско претседателство во вонредни времиња се врзуваат големи очекувања, вели Јанис Емануилидис од тинк-тенкот „Европски политички центар”. „Доколку не се успее, тоа ќе води кон уште потешка политичка криза на ЕУ. Од таа причина е потребен резултат, а германското претседавање е важно.”

Deutschland Berlin PK Angela Merkel und Ursula von der Leyen (picture-alliance/NurPhoto/E. Contini)Уигран тим – Ангела Меркел и Урсула фон дер Лајен

Ангела и Урсула

„’Мути’ Ангела ќе успее во тоа”, велат одделни дипломати во Брисел, потоа со посериозен тон укажувајќи на огромното искуство на најдолгата по стаж шефица на влада во Европа. „Мути” – порано вака беше нарекувана Ангела Меркел од нејзината демохристијанска пратеничка група во Бундестагот. И другата Германка, на чело на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, игра важна улога во потрагата по компромис, смета експертот Јанис Емануилидис. „Фактот што Урсула фон дер Лајен и Ангела Меркел не само што долго се познаваат, туку и одамна соработуваат, сигурно ќе води исто така меѓу нив да постои тесна координација. Сметам дека постои тесна усогласеност со Берлин, значи со Ангела Меркел, а тоа е и неопходно.” Фон дер Лајен повеќепати беше на министерски места во владата на Меркел пред лани да премине на функцијата во Брисел.

Самит со Кина, екологија, миграција и Брегзит

Поради примарноста на совладувањето на екномската криза предизвикана од корона-пандемијата, останатите тежишта на претседавањето нужно паднаа во сенка. Но сепак, со Велика Британија до октомври мора да се постигне договор околу идните трговски односи и движењето на луѓе. Но, по Брегзит, Британците не покажуваат голема спремност за преговори, се заканува „тврдо”, нерегулирано напуштање на заедничкиот пазар на ЕУ кон крајот на годината.

Канцеларката Меркел имаше голема желба за одржување самит со кинеското раководство. Меѓутоа, поради пандемијата на коронавирус и недоволниот напредок во планираниот договор за заштита на интелектуална сопственост, тој е одложен на неодредено време или целосно ќе отпадне. Напротив, треба да се одржи самит со Африканската унија. Долгогодишната непрекината потрага по нови правила за азил и миграција нема да заврши ни за време на германското претседавање со ЕУ. Сојузниот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер стреми кон политичко усогласување и спорните детали, на пример распределбата на бегалци, да ги предаде натаму на португалското претседавање. Одделни напредоци може да бидат постигнати во договор околу новите климатски цели, иако тоа не е сигурно. (Дојче Веле)