Германската полиција во иднина ќе ја објавува националноста на сторителот


Полицијата во најнаселената германска сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија во иднина ќе ја наведува и националноста на сторителот во своите соопштенија за печатот, беше објавено денеска.

„Во иднина, националноста на сторителот ќе биде објавена во сите случаи во кои идентитетот на сторителот е несомнено утврден“, соопшти Министерството за внатрешни работи на сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија.

Наведувањето на националноста на сторителот ќе се изостави само доколку државното правобранителство заклучи дека тоа е во интерес на истрагата.

Досега во Германија важеше дека во соопштенијата на полицијата и државните обвинителства не се наведува националноста на сторителот.

„Сакаме да воведеме поголема транспарентност“
Со новите правила, полицијата сега сака „да воведе поголема транспарентност врз основа на фактите“. Една од причините е тоа што во случај на последователни медиумски истраги поврзани со изјава, „во огромно мнозинство случаи“ тоа се прашања поврзани со националноста на сторителот.

Надлежните истовремено сакаат да ги демантираат тврдењата на дел од јавноста дека „сакаат некои факти да држат под тајност“.

Актуелниот полициски кодекс за печатот наведува дека „националноста, расата или религијата“ на сторителите не се објавуваат за да се избегнат „дискриминаторски паушални проценки“ и „ширење на предрасуди кон странците“.

Странците прават 41% од злосторствата
Во последниве години, во Германија се разви јавна дебата за нивото на криминал меѓу имигрантите, особено оние кои пристигнаа во Германија за време на бегалскиот бран во 2015 година.

Според најновите статистички податоци за 2023 година, процентот на криминалци кои немаат германски пасош постојано се зголемува и сега достигна вредност од 41 процент.

Во Германија, во исто време, живеат 14 отсто странски граѓани.