Германија загрижена поради новиот израелски закон за смртната казна
Владата на Германија денеска изрази „голема загриженост“ поради одлуката на израелскиот парламент да воведе смртна казна за осудени терористи.
– Разбирливо е што Израел по 7 октомври зазеде тврд став против тероризмот. Сепак, германската влада со голема загриженост гледа кон законот што беше усвоен вчера. Спротивставувањето на смртната казна е фундаментална карактеристика на германската политика, изјави портпаролот на германската влада Стефан Корнелиус.
Тој додаде дека загриженоста е поради тоа што законот „веројатно би се однесувал исклучиво на Палестинците на палестинските територии.
Кнесетот вчера со тесно мнозинство изгласа контроверзен закон, со кој смртната казна би станала стандардна казна за Палестинците осудени за смртоносни терористички напади. Законот ги задолжуваа судиите да изречат смртна казна за Палестинците осудени за убиство мотивирано од тероризам од страна на воените судови на окупираните територии.
Израел ја укина смртната казна за убиство во 1954 година и ја задржа само во исклучителни случаи. Егзекуцијата на германскиот нацист Адолф Ајхман во 1962 година беше последната извршена смртна казна во Израел.
Правните експерти се надеваат дека Врховниот суд на Израел може да го поништи контроверзниот нов закон, со кој смртната казна би станала стандардна казна за Палестинците осудени за смртоносни терористички напади.
Амир Фукс од Израелскиот институт за демократија наведе дека погубувањето на нацистите беше максимална казна во Израел, но никогаш не беше задолжителна.
– Не постои такво нешто во ниту еден демократски правен систем: смртна казна што е задолжителна. Судовите или обвинителите секогаш мора да имаат одредена дискреција при одредувањето на казната. Дури и во демократските земји, каде има смртната казна, како што се САД, таа никогаш не е задолжителна, истакна Фукс.
По усвојувањето на законот, Здружението за граѓански права во Израел поднесе тужба со која го оспорува законот до највисокиот суд на земјата.
Пратениците од опозицијата ја обвинија десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека свесно му штети на меѓународниот углед на Израел со законодавството./МИА