Германија очекува раст на БДП од три отсто во овој квартал


Економскиот институт DIW од Берлин очекува закрепнување на германската економија во тековното тримесечје по падот предизвикан од пандемијата на новиот коронавирус.

Германската економија веројатно ќе забележи раст од три отсто во тековниот квартал во однос на претходниот, делумно закрепнувајќи од падот кој го предизвика Ковид-19, соопшти институтот во Берлин.

– Постојат знаци кои јасно укажуваат на закрепнување, но и покрај силниот раст, веројатно ќе бидат потребни две години за да се надополни историскиот пад кој е забележан оваа пролет, се наведува во соопштението на DIW.