Германија бара поддршка од ЕУ за центри за враќање на одбиени азиланти

Германскиот министер за внатрешни работи, Александер Добриндт, ја изрази својата надеж дека претстојниот состанок на европските министри за внатрешни работи, кој ќе се одржи в сабота, ќе го прокрчи патот за воспоставување на “центри за враќање” наменети за сместување на одбиените баратели на азил кои не можат да бидат репатрирани во нивните татковини.
Во изјава за весникот “Минхнер Меркур”, Добриндт подвлече дека овие центри треба да бидат позиционирани колку што е можно поблиску до земјите на потекло. “Сакаме ЕУ да ја обезбеди правната рамка за таквите центри”, рече тој.
Сепак, германскиот министер дополни: “Во исто време, знаеме дека не можеме да се потпреме на ЕУ да ги изгради овие центри за враќање.”
Неговиот план подразбира заеднички напор помеѓу одделните земји-членки за нивна реализација. “Каде точно, сè уште не сме се договориле”, додаде Добриндт.
Според информациите од Министерството, се очекува голем број европски министри за внатрешни работи, како и комесарот за миграција на ЕУ, Магнус Брунер, да присуствуваат на состанокот во Минхен в сабота. Слична средба беше одржана во јули на германската планина Цугшпице.
“Оние што се интегрираат и работат имаат шанса да останат во Германија. За сите други, сакаме да ја спроведеме обврската за напуштање на земјата”, посочи Добриндт.
Според податоците на Сојузната служба за миграција и бегалци, од јануари до август, 78.246 лица за првпат поднеле барање за заштита во Германија, што претставува приближно половина од бројот на првични барања во истиот период минатата година.