Свечено отворена салата на Работнички во Градски парк во Скопје
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, свечено ја отвори целосно реконструираната сала „Работнички“ во Градски парк, еден од најстарите спортски објекти во државата.
Во рамки на свеченоста се одигра ревијален натпревар меѓу младинскиот состав на КК „Работнички“ и шампионите од Лига Центар од ООУ „Кочо Рацин“, проследен со настапи на хип-хоп групи и богата спортска програма.
На отворањето, покрај бројните гости и советниците на Општина Центар, присуствуваа и ветераните на КК „Работнички“, Огнен Герасимовски, Драган Радосављевиќ, Рики Ѓорчевски, Стерули Андоновски, Томе Димишковски, Миро Крстевски, Тихо Матевски, и Перо Антиќ, на кои им беше доделено признанието „Феникс“, симболот на Општина Центар, птицата што се раѓа од пепел, како знак на обнова, истрајност и нов почеток.

„Сѐ што правам како градоначалник, го работам со најдобра верба и мисла за нашите центарци. Со упорност, со скромност, со многу енергија и љубов, создадовме уште една победа, која им припаѓа на сите во Центар, без исклучок и поделби. И оваа сала е резултат на нашиот пристап, дека заедно можеме да направиме се. Без политика, без делби, напротив, обединети и сложни во успесите и резултатите“, рече Герасимовски.
Обраќајќи им се на младите центарци кои ги исполнија трибините, Герасимовски порача дека салата е наменета токму за нив, за генерациите што допрва ќе создаваат нови спортски успеси и ќе го носат духот на „Работнички“.
,,Драги ученици, новата сала е секогаш отворена за вас. За спорт, за натпревар, за другарување, за споделување на вистински вредности во животот. Од срце ве поканувам да ја користите, да бидете присутни, да бидете здрави и конкурентни, да создавате резултати, да се радувате на своите и заедничките успеси! Во оваа сала ќе ги гледаме нашите нови шампиони, ќе ја пишуваме новата историја”, порача Герасимовски.
Салата е реконструирана според стандардите на ФИБА, со целосно обновен паркет, нова фасада, современо ЛЕД-осветлување, енергетски ефикасен систем за греење, ладење и вентилација, нови соблекувални, санитарни јазли и нови столчиња на трибините.
Со обновата на објектот во Градски парк, најтрофејниот клуб доби дом достоен за своето име и традиција, место каде што ќе се редат нови победи и ќе се гради иднината на спортот во Центар.
Реконструираната спортска сала „Работнички“ е современ објект проектиран според највисоките стандарди за организација на домашни и меѓународни спортски натпревари.
Спортскиот терен се простира на површина од 700 квадратни метри и е изработен од висококвалитетен буков паркет поставен на еластични летви, од производител сертифициран од ФИБА.
Со ова салата ги исполнува условите за одржување натпревари од Ниво 1 според ФИБА класификацијата.
Објектот располага со четири влеза и излеза, овозможувајќи безбеден и функционален проток на спортисти и публика.
Во приземјето се наоѓаат четири соблекувални за спортисти (по две на северната и јужната страна), две соблекувални за судии, просторија за медицинска интервенција и допинг контрола, како и санитарни јазли за посетители, вклучително и кабина за лица со посебни потреби. Обезбедени се и помошни и технички простории.
Гледалиштето е опремено со трибини со нови седишта и платформа за ТВ-камери, со што се создадени услови за професионални телевизиски преноси. На галеријата е сместен административен простор со 17 канцеларии, сала за состаноци, кујна и два тоалета.
Кошевите, семафорите и софтверскиот систем се во согласност со стандардите за меѓународни натпревари од Ниво 1.
Поставени се современи ЛЕД светилки со прилагодливи режими, што обезбедува оптимални услови за натпревари и ТВ-преноси.
Загревањето на теренот и соблекувалните е преку подно греење поврзано со градската топлификациона мрежа, додека трибините се опремени со систем за греење, ладење и вентилација преку канали и клима-комори.
Административниот дел се загрева и лади со поединечни клима-уреди.
Салата е изградена со термоизолациони фасадни и кровни панели.
Со реконструкцијата, спортската сала „Работнички“ добива современи услови за развој на спортот и организација на врвни спортски настани, повторно станувајќи дом на црвено-белите и место каде што ќе се создаваат нови победи и спортски успеси, порача градоначалникот Герасимовски на отворањето на спортскиот објект.