Герапетритис не обвини за иредентистички тенденции


Шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис
Грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, ги нападна Скопје и Тирана во средата, за време на состанокот со неговиот австриски колега, Александар Шаленберг, во Атина, пренесуваат грчките медиуми. Герапетритис, според написите, ги предупредил владите на Северна Македонија и Албанија дека нивните неодамнешни активности ги загрозуваат перспективите на нивните земји за европска интеграција.

 

„Дејствата што укажуваат на иредентистички тенденции не помагаат на патот кон европското семејство“, рече тој.

Тој ги повика соседните земји Северна Македонија и Албанија да ги почитуваат трите клучни обврски: целосно спроведување на европското законодавство, почитување на принципите на демократијата и владеењето на правото и верно и безусловно спроведување на меѓународните договори и на меѓународното право воопшто и потсети дека европскиот курс на Западен Балкан започна од Солунскиот самит во 2003 година.

Герапетритис ги истакна неодамнешните прекршувања на Договорот од Преспа од страна на Северна Македонија и изрази загриженост за интегритетот на неодамнешниот попис во Албанија, повикувајќи да се почитува европското право.