„Гепекот ми е полн со пластични шишиња“ – канти за селектирање денеска добија 50 домаќинства во Аеродром


Со гепеци полни пластични шишиња се возат жителите на Општината Аеродром, една од најнаселените општини во земјава, во потрага по автомат каде би ги рециклирале.
 
Неспорно е дека такви автомати постојат во повеќето големи маркети кои во општината ги има во изобилство, а пред извесно време такви беа поставени и во училиштата, но повеќе не работат. 
 
Кога прашавме во Општината зошто не работат, конкретен одговор не добивме, туку само ни појаснија: „Поставени се 11 машини за собирање на таквиот отпад, набавено е и товарно електрично, возило, односно целата инфраструктура е во целосна сопственост на Општина Аеродром. Проектот, освен оваа инфраструктура, има за цел и да ги зајакне капацитетите на Општината не само за воспоставување и пилотирање на овој систем за општинско управување со отпад од пакување, туку и за негово идно самостојно менаџирање и одржливост“.
 
„Гепекот ми е полн со пластика“
 
Жителка на Општина Аеродром прашува каде може да се пријави за да добие канта за селекција на пластичен отпад. Но, таа живее во зграда, па со новиот проект нема да може да биде опфатен и нејзиниот дом.
 
„Гепекот на автомобилот ми е полн со пластични шишиња. Одам до маркетите, но автоматот не работи, па појдов до друг маркет, а таму иста приказна“, појаснува таа. На крај завршија во контејнер, а сега повторно и се имаат собрано пластичнни шишиња, кои планира да ги рециклира во некој од автоматите во маркетите, доколку го начека да работи. 
 
И други жители велат дека  слушнале за акцијата која ја најави Општина Аеродром, дека ќе се спроведува проект за селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата па прашуваат каде да се пријават, но засега ќе бидат опфатени само домаќинствата на две улици во Лисиче. 
 
Поделени 50 канти за пластичен отпад
Денеска, на крстосницата кај крстот, или ако сакате кај кулите „Џевахир“, Општина Аеродром официјално го започна проектот за селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата! 
Но, првата фаза опфати 50 домаќинства со специјални канти за пластика, значи беа поделени 50 жолти пластични канти за 50 куќи во Лисиче. 
 
Најавено е дека вкупно ќе бидат опфатени 600 домаќинства, а ЈП за комунални дејности го спроведува проектот, а отпадот се предава на овластени компании. За транспорт е обезбедено електрично товарно возило, кое денеска и ги разнесуваше кантите. 
 
„Ова не е кампања, туку систем што им овозможува на граѓаните активно да учествуваат во заштитата на природата, почнувајќи од сопствениот дом“ – изјави градоначалникот Дејан Митески, а со него во поддршка и контрола беше министерот за локална самоуправа Златко перински. 
 
Со успешното партнерство меѓу Делегацијата на Европската Унија, Владата преку Министерството за локална самоуправа, Швајцарската Влада и Општина Аеродром преку имплементација на проектот „Clean AirDrom“ – Нулта цврст отпад обезбедивме и специјално електрично товарно возило за еколошки транспорт на отпадот, соопштија од Аеродорм. 
 
Ако се знае дека Општина Аеродорм има над 20.000 домаќинства, проектот со опфат од 600 може да биде само пилот-проект, или преведено, да видиме дали ќе ни тргне, па ако некој се нафати да финансира, може и ќе го прошириме, се коментира низ Аеродром…
 
За да се опфати целата општина и за реално проектите да дадат ефект, а потоа секако и да стане навика на граѓаните, потребни се многу повеќе средства и повеќе ангажман и одлучност на општинските власти.(Б.Б.)