Газдата на „Пуцко Петрол“ со два милиони евра сака да излезе од притвор

Газдата на „Пуцко Петрол“ ќе го одврзе ќесето за да излезе од Шутка. Синот на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, Асмир Јахоски, нуди два милиони евра гаранција за да излезе од зад решетки. Тој е во притвор во Шутка од 14-ти март како осомничен за набавка на штетно гориво за ТЕЦ Неготино со кое го загадувале водухот и притоа испумпале над 160 милиони евра. Тој кауцијата што ја понудил во возила и станови, ја доставил до скопскиот Кривичен суд, а од таму е препратена и до обвинителството за мислење.
Во првата реакција Oбвинителството за гонење на организиран криминал и корупција бара дополнителни 1,15 милиони евра за тој да може да излезе од истражниот затвор во Шутка и да се брани од слобода. Јавниот обвинител доставил мислење до Кривичниот суд во кое истакнал дека гаранцијата е прифатлива само доколку Јахоски уплати дополнителни 72 милиони денари на посебна сметка на судот, сума која одговара на наводната противправно стекната имотна корист. Дополнително, обвинителството бара и изрекување на мерки за претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, одземање на патната исправа, како и обврска повремено да се јавува на надлежен орган.
Јавниот обвинител при формулирањето на мислењето ги земал предвид доказите, како и тоа дека постои намален ризик Јахоски да влијае на сведоци или да ја попречува истрагата, бидејќи веќе се обезбедени клучни вербални и материјални докази. Само доколку бидат исполнети сите овие услови, обвинителството ќе смета дека се создадени правни основи за укинување на притворот.
Иако првично доби домашен притвор, по жалба од Обвинителството, Јахоски беше префрлен во Шутка. Обвинителството објаснува дека за делото „перење пари“, притворот може да биде продолжен најмногу 30 дена, по што, според законот, тој мора да биде пуштен да се брани од слобода – доколку не се одреди нова мерка.
Околу притворот на Јахоски, надлежните претходно се испреплеткаа за тоа кој барал, а кој одлучил газдата на „Пуцко Петрол“ наместо зад решетки да оди во куќен притвор. Обвинителството се жалеше на таквата одлука, откако претходно се согласиле со судијката за куќниот притвор бидејќи Јахоски бил татко на четири деца, имал фирма со многу вработени и цврсти врски со државата. По три дена институционални објаснувања, се одлучи Јахоски сепак да замине во Шутка.
Газдата на Пуцко Петрол заедно со уште 13 луѓе меѓу кои екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски и бизнисменот Ратко Капушевски се сомничат дека испумпале нешто над 160 милиони евра државни пари, а притоа набавувале штетно гориво со кое го загадувале воздухот.