Гаши побарал помало обезбедување, не му дозволиле заради протоколите, вели Меџити


Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, чија партија Демократско движење е дел од коалицијата Вреди, вечерва изјави дека претседателот на Собранието Африм Гаши на приватното патување во Косово, иако е втор човек во државата, побарал да се намали нивото на безбедност за да има повеќе приватност, но како што рече, тоа не му било дозволено заради протоколите.

– Прво, се работи за втор човек во државата и мислам дека протоколот за безбедност е многу строг. Имам разговарано и со Гаши и со претходниот претседател на Собрание и со Јован и со Талат, многу работи сакаат да ги нема во секојдневниот живот, значи тоа се работи за деца и за жената. Значи, постојано се под строг надзор, строго обезбедување пришто се губи приватноста, посебно кај децата. Но заради тоа што е втор човек во државава и покрај тоа што побарал да се намали тоа ниво на безбедност, да има повеќе приватност, не е дозволено заради протоколите. И тој е многу среќен за такво ниво на безбедност и опкружување со безбедносни сили. Побарал значи тоа да се скрати. Но не може да ги промени тие протоколи што се за безбедност, бидејќи тука државата одлучува, а не индивидуално, рече Меџити во вечерашното гостување на „Вести плус“ на Телевизија Канал 5.

Првиот вицепремиер потенцира дека го познава Гаши и оти тој е многу скромна личност во приватниот живот.

Одговарајќи на прашање што доколку коалицискиот партнер ЗНАМ на 3 септември за кога е закажано седница во Собранието за интерпелација на Гаши гласа „за“ , Меџити рече дека досега немало Влада со постабилни бројки.

-Од 90-тите до сега немало Влада со постабилна бројка, значи 78 пратеници. Второ иницијативата е покрената од Левица, колку што знам. Мислам дека ова е нова Влада со нова програма, со нова надеж на граѓаните, тие нема да потпаднат на такви провокации, рече тој.

 

Во однос на евроинтеграциите, Меџити нагласи дека во топ приоритетите останува европската ориентација на Владата. 

-Сите сме сведоци дека во овој период се случуваат избори и во Бугарија, и во Америка и во Европа. Целиот тој процес ќе треба да се води заедно со нашите стратешки партнери и треба да имаме партнери и од другата страна, значи стабилна Влада во Бугарија. Ве уверувам дека во топ приоритетите останува европската ориентација на Владата. Работиме и во реформскиот дел и секојдневно е дел од нашата агенда, рече Меџити.

На прашањето дали се согласува дека треба да има уставни измени со одложено дејство, Меџити рече дека секојдневно со стратешките партнери бараат најдобар пат и начин да се реши овој проблем кој отвора единствена алтернтива за граѓаните во државата.

 

Меџити потенцира дека ДУИ ретерираат со изјавите за дестабилизација на состојбата во земјава.

-ДУИ со такви изјави гледам дека ретерираат последно време оти имаше некои изјави ДУИ ќе протестираат, ќе дестабилизираат или пак со некои нови тези за редефинирање.  Од екстремни, па после ги гледам последните денови дека не кажуваат такви работи, туку ние им наметнуваме и така да спласнуваат, изгледа се соочуваат со реалноста дека се дел од опозицијата и добро е да се свртат на себе си и да поработат на реформи внатре за да бидат конкурентни во иднина, рече тој.

Меџити потенцира дека ДУИ за организирање на протести немаат политичка кауза, немат кауза за која Албанците би излегле да протестираат или демонстрираат бидејќи, како што рече, на крај каузата е да се спасат коруптивните зделки и сето она што е згрешено во минатото.

Првиот вицепремиер нагласи дека ДУИ не може да се повикува на Мајскиот договор кога самите тие го прекршиле во 2016 година кога одлучиле да не формираат влада со ВМРО-ДПМНЕ кои победиле кај македонскиот блок туку со СДСМ, кои имале помалку пратеници и гласови