Гаши не слушнал дека Мицкоски ги поддржува бранителите, законот ќе остане во фиока


Африм Гаши (Фото: Б. Грданоски)

 

Законот за бранителите ќе остане во фиока на претседателот на Собранието Африм Гаши, кој најде начин да го стави унгарскиот заем за расправа на седница, но не и оваа иницијатива, откако претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, Илире Даути, одби да го стави на дневен ред како точка.

Гаши потврди нема намера  да ја свика Комисијата, бидејќи, според него, седницата веќе била свикана, а ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, иако ја поддржаа потребата од законот, меѓусебно си ја префрлаат топката зошто повторно пропадна обидот за унапредување на правата на бранителите.

Спикерот не кажува ни дали Даути (пратеничка од Алјанса за Албанците – коалиција „Европски фронт“) ќе понесе одговорност за кршење на Деловникот зашто одбила да постапи, иако тој ја задолжил. Тој со допис до Даути побара да закаже седница на Комисијата со точка на дневен ред за бранителите.

Овој преседан ја отвора можноста секој претседател на собраниска комисија по лична политичка или партиска потреба да одлучува дали ќе се расправа за законски решенија или не, односно покрај претседателите на комисиите да биде единствениот што може да практикува филибастеринг во Собранието откако со новиот Деловник таа можност им ја ускратија на пратениците.

На прашањето зошто Гаши не ја закаже Комисијата за да расправа за законот за бранителите како што ја закажа Комисијата за финансирање откако претседателката Сања Лукаревска од СДСМ одби, Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека има суштинска разлика.

„Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, во согласност со Деловникот, не ја испочитува одредбата во рок од 24 часа да ја закаже Комисијата. Претседателката на ресорната комисија, на која требаше да се најде законот за бранителите, пак, го направи тоа. Вчера беше закажана Комисијата за социјална политика, на која помина законот за зголемување на пензиите. Исто како и на оваа комисија, предлагачите Славјанка Петровска и пратениците од СДСМ не се појавија на состанокот за да побараат дополнување на дневниот ред. Зошто го направија тоа, прашањето треба да заврши на таа адреса. ВМРО-ДПМНЕ веќе кажа дека бранителите ја имаат и ќе ја имаат нашата поддршка. Оние политиканти што трипати не го поддржуваа законот треба да кажат зошто само растураат пердуви во јавноста, а кога треба да покажат директна грижа не се појавуваат на седници“, рече Стојаноски.

Од СДСМ порачаа дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски „повторно колечни пред Гаши“ кој не го почитува Деловникот околу за Законот за бранители.

„Согласно Деловникот на Собранието, откако претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, вчера не закажа расправа за овој закон во рок од 24 часа, обврската е на Африм Гаши да го направи тоа. Како што Гаши ја закажа за денеска седницата на Комисијата за финансирање и буџет во врска со задолжувањето од унгарската банка, исто така треба да ја закаже и седницата на оваа комисија. Дали Мицкоски повторно ќе коленичи и замолчи пред Гаши за игнорирање на Деловникот заради политички причини? Ќе извисат ли бранителите заради спас на Гаши и желбите на ВЛЕН? Ако Мицкоски вели дека дава недвосмислена поддршка за бранителите, еве му можност тоа да го докаже. Нека му се јави на Гаши да го стави Законот на комисиска расправа“, порачаа од СДСМ.