Гаши и координаторите на посебна средба со Руте


 

Во рамките на официјалната посета на Македонија, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оствари средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, на која присуствуваа: координаторите и заменик-координаторите Никола Мицевски, Јованка Тренчевска, Беким Ќоку, Рина Ајдари и Бобан Карапејовски; шефот на собраниската делегација во ПС НАТО, Драган Ковачки и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.

Гаши му ја предочил посветената политика на РС Македонија како кредибилен сојузник кој како и досега ефективно ќе придонесува за обезбедување на регионалниот и глобалниот мир и безбедност. Во време на зголемена глобална неизвесност, претседателот Гаши ја нагласи важноста на блиските односи, одржливиот политички дијалог и заедничката посветеност на меѓународното право и колективната безбедност. Притоа, тој предочи дека членството на земјава во ЕУ не е само како институционално прашање на зачленување. Истакна дека во светло на тековните нестабилности, прашањето на европската интеграција на регионот на Западен Балкан сè повеќе станува и прашање поврзано со европската безбедност.

Генералниот секретар Руте ја поздрави посветеноста на земјава во зголемувањето на процентот за национална и колективна безбедност, со што се манифестира нејзината способност да ги прифати обврските од членството во НАТО. Ги поздрави напорите што Македонија ги вложи во обезбедување соодветна помош за Украина, со што заедно со останатите сојузници покажа висок степен на солидарност.