„Галија“ нè однесе во еден (не)познат свет на љубов, среќа, радост и топлина: Магичен концерт во Филхармонија
Врвната музика, духовноста и магијата се споија синоќа во преполнетата Филхармонија на првиот од двата концерти на српскиот бенд “Галија’ во Скопје, во организација на „Авалон“.
Насловен како „Акустично као некада“, музичката „Галија“ не однесе во еден (не)познат свет на љубов, среќа, радост, топлина, убави спомени, за кои фановите од целиот регион тврдат дека „пловат“ цели 47 години од кога постои овој бенд кој фасцинира со одлична музика, глас, текст и речиси семејна енергија на сцена меѓу Ненад Милосављевиќ – Неша и останатите седум членови. Невозможно е да се изрази со зборови суштината на нивните композиции, кои допираат до срце. Избледени слики, денови кои повеќе ги нема, некои дамнешни години, но толку блиски во меморијата. Некои светови кои повеќе ги нема. Кои живеат само во нас, кои ги паметиме. Некоја магија внатре, која ретко кој веќе ја чувствува. Веќе нема многу такви музичари.
„Апсолутна генијалност. Ова никаде го нема. Секоја чест. Симнуваме капа“, беа многубројните коментари на гостите, синоќа, на концертот кој беше збогатен и со одлични светлосни ефекти.
Иако и денес во Скопје има уште една „реприза“ со хитовите со кои расневме, созревавме, се радувавме и тагувавме, како ,,Још увек сањам”, ,,Дигни руку”, ,,Дали си спавала”, ,,Трубе”, ,,Корак до слободе”, ,,Када ме погледаш”…, како и истоимената песна од култниот српски филм “Зона Замфирова“ (Леле Зоне) од 2002 година, на Здравко Шотра, со легендарната актерска постава, синоќа, во Филхармонија се бараше седиште повеќе, а имаше и инциденти со дупли карти за кои фановите уредно си платиле. Откако добија уверување од организаторот дека се работи за грешка во онлајн системот и дека парите ќе им бидат вратени, беа сместувани во ретките празни седишта за да продолжат да уживаат во неповторливиот концерт.
„Галија“ никогаш не излегува од мода, иако ретко гостува кај нас. Ви благодариме за секој стих, секоја нота и за уникатната боја на вашиот глас! (Л.С.)
Фото: ФБ на Авалон продукција