Галичник отсечен – снег повторно го затрупа патот; под снег и Крушево


Месната заедница Галичник упати итно предупредување до граѓаните и посетителите дека патниот правец кон селото во моментов е небезбеден за сообраќај. Поради обилните врнежи од снег во текот на изминатата ноќ, патот е тешко прооден и не се препорачува за користење.

Екипите на надлежните служби веќе се излезени на терен и работат на расчистување на снежните наноси за да се овозможи нормална комуникација.

„Надлежните служби се на терен и се работи на расчистување. Ве замолуваме да не се упатувате кон Галичник сè додека патот целосно не се расчисти и обезбеди за безбедно движење“, стои во официјалното известување од МЗ Галичник.

Од месната заедница апелираат на трпение и нагласуваат дека дополнително ќе информираат кога правецот ќе биде повторно безбеден за возила.

Утрово и Крушево се разбуди под снежна покривка. Со оглед на тоа што Крушево е на надморска височина од 1.350 метри, не е неочекувано да има снег. Имено, УХМ најави снежни врнежи над 1.000, однонсо 1.100 метри височина, па речиси сите планини во Македонија се под снег.