(Галерија)„Охридско лето“: Ванеса Меј и дивоградбите како „диво месо“
Со концертот на британската ѕвезда, виолинистката Ванеса Меј, заедно со Македонската филхармонија и со уметници од Националната опера и балет, сношти беше отворено 59. „Охридско лето“. Во Античкиот театар во Охрид, претседателот на државата Стево Пендаровски, пред илјадната публика, гостите, уметниците и политичкиот врв на земјата, ветувајќи дека како држава ќе направиме сè да го зачуваме статусот на Охрид како град на УНЕСКО, додаде:„ Да правиме простор за другите во самите нас и да се стремиме кон вистинско граѓанско помирување преку правда и простување. Градејќи едно општество за сите, да се сетиме дека ние си припаѓаме едни на други и заедно му припаѓаме на поширокиот европски културен и цивилизациски простор.“
И министерот за култура Хусни Исмаили, поздравувајќи ги присутните, рече дека на Античкиот театар уште пред два милениуми се ширела уметноста но дека денешните
уметници се исправени пред нови предизвици на современото време, што бара од нив да ги кршат табуата, да ги надминуваат предрасудите, и да извикуваат – „уметноста е слобода“.
Моќна уметничка порака годинава сподели македонскиот режисер Александар Поповски кој е селектор на драмската програма на фестивалот. Потсети дека: „Уметноста не смееме да ја нарачуваме како песна во кафана. Треба да и го дадеме сиот простор кој и е потребен за да може самата да каже што чувствува“, барајќи сите да застанеме на бедемот против уништувањето, не само на културното туку и на природното наследство.
Обраќањето на Поповски беше писмо до големиот, неодамна починат македонски драматург Горан Стефановски.
„Ако дивоградбите ги разбереме како метафора на нашиот свет, тогаш Горан, треба твоето диво месо да го земеме како рецепт. Значи, јас читам сега диво месо, а Вие слушајте ‘диво градби’. Диво месо е верување дека ако некому влезе влакно во грлото, околу коренот на влакното ќе се створи месо кое не е човечко и кое ќе расне и ќе нарасне толкаво да го угуши човека. Месото мора да се откорне со нокти а раната да се изгори со жар“.