Гала јубилејот на МНТ ги собра државниот врв и културната елита (фото)
Државниот врв, дотерани гости од сите сфери на живеење, синоќа, го видоа емотивниот омаж на сите уметници и театарски професионалци кои осум децении го граделе МНТ.
Сценско-музичкиот проект „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“ , во режија на Дејан Пројковски, уште од старт предизвика возбуда и дилема -да се работи јубилеј за 80 години на театарот, значи да се патува низ времето и на публиката да и го претстави сето она што било важно на неговата сцена, а со тоа и во македонската култура.

Публиката која го наполни МНТ до последно место, дури и на високите галерии од каде не се догледува сцената, во три часа, ги виде сценските слики од највпечатливите моменти на сите големи автори на големата драматика, како и сите оние слики што се втиснати во колективната меморија и традиција. Пројковски со тимот создал уметнички перформанс кој повеќе се занимава со театарот и со играта како феномен, многу помалку со фактографија.

„Се обидуваме да се присетиме дека во Македонскиот народен театар се родиле и „Буре барут“, „ММЕ кој прв почна“, „Среќна Нова ‘49“, „Кенгурски скок“, „Макавејски празници“ и голем број други култни претстави кои се дел од темелот на она што денес се нарекува современ МНТ, истакна Пројковски по повод премиерата за осум децении постоење на МНТ.

Затоа, она што најсилно одекна синоќа беше актерската енергија, ансамблот на МНТ, заедно со оперските пејачи и младите актери, кои создадоа сценска целина од страст и посветеност.

Пред публиката се отвори моќна сценска визија, поддржана од музиката на композиторот Горан Трајкоски и дизајнерот на 3Д-видеомапинг Сергеј Светозарев, во која учествуваат повеќе од 60 актери и голем број луѓе зад сцената, создавајќи колективен чин на емоција, енергија и уметничка синергија. Актерите беа наградувани со континуирани и спонтани аплаузи на отворена сцена, а на крајот и со овации.

За „Сонцето, колку е блиску сонцето“ , чиј наслов е преземен од првата изговорена реплика на сцената на МНТ со која на 3 април 1945 почнува работата на театарот, уште долго ќе се зборува.
(Л.С.)















