Габриел Ескобар ќе го замени Метју Палмер како главен човек на Вашингтон за Балканот


Следниот месец ќе се случи важна дипломатска смена – претставник на американскиот претседател Џозеф Бајден за Западен Балкан ќе биде Габриел Ескобар кој на тоа место ќе го замени Метју Палмер. Ескобар е исклучителен познавач на Балканот кој во кариерата помина долг пат – од Белград, каде што беше во 2001 година, преку Боливија, Пакистан и Ирак, се врати во српската престолнина, пишува денешен „Блиц“, оценувајќи дека неговата биографија е живописна како и неговото презиме.

На оваа функција, која има поголема тежина за Србија и БиХ отколку за Македонија, тој ќе дојде од позицијата заменик-шеф на мисијата во амбасадата на САД во Белград  и вршител на должноста до доаѓањето на амбасадорот Ентони Гофри.

Ова не е негов прв престој во Белград, бидејќи во 2001 година тој бил шеф на политичкиот оддел веднаш откако САД повторно ја отворија амбасадата во Србија. Од 1998 до 2001 година, тој ја извршувал функцијата шеф на кабинетот во Канцеларијата на високиот претставник во Бања Лука, а потоа и заменик-шеф на тимот за дипломатски врски во Подгорица.

Пред враќањето во Белград, тој служел како заменик-амбасадор во американската амбасада во Багдад, Ирак, координатор за кубански прашања во Бирото за западната хемисфера во рамките на Стејт департментот (2017 и 2018 година), заменик-амбасадор во амбасадата на САД во Ла Паз, Боливија (2014-2017), генерален конзул во американскиот конзулат во Пешавар, Пакистан (2013-2014) и водач на американскиот тим за реконструкција на Киркук во Ирак (2009-2010). За него се вели дека не е човек ниту на Трамп ниту на Бајден.

„Габриел Ескобар многу добро ја знае ситуацијата во Србија, но и на Западен Балкан. Тој секогаш беше во втор план, неекспониран во јавноста, но во суштина заврши многу работа. Тој се занимаваше и со економски и со политички теми. Тој е дипломат од кариера“, посочил еден од соговорниците на „Блиц“.

Дипломатски извор за весникот „Данас“ вели дека во Вашингтон тврдат оти „голем предизвик“ на „новиот тим“ на Стејт департментот, на чие чело ќе биде Карен Донфрид (која ќе го замени Филип Рикер) ќе биде „се поголемото влијание на Кина не само во Србија туку и во целиот регион“. 

Во шест наврати, Ескобар доби највисоко признание од Стејт департментот за исклучителен придонес. Тој е добитник на наградата на Стејт департментот за извонредна работа на терен, како и наградата на Министерството за одбрана, доделена на цивили за извонреден придонес во војската.

Ескобар зборува шпански, руски, италијански, српски, чешки и португалски. Се очекува дека ќе ги посети земјите од регионот наскоро по преземањето на функцијата.

Според некои медиуми, неговото назначување е показател за една важна работа – дека Белата куќа, под команда на Бајден, е решена да има поенергична и поактивна улога на Балканот.