Фуркан Салиу објави ново видео од неговото апсење, полицијата е брутална
Почнуваат да излегуваат и нови детали од апсењето на новинарот Фуркан Салиу од полициските специјалци за време на на натпреварот од Трета фудбалска лига меѓу Коњари и Куманово. Новото видео снимено од страна, од автомобил, покажува дека Салиу е легнат на земја од полициски специјалци во позиција многу слична на озлогласеното убиство на Џорџ Флојд во Минесота, САД.
На видеото се слуша како Фуркан Салиу му извикува на полицаецот што лежи врз него – „Не можам да дишам“.
На видеото се гледа и како еден од полицајците се обидува да го добие телефонот од снимателот за да ги избрише снимките, а потоа и како Фуркан Салиу е однесен од полицајците во „марица“.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и Фуркан Салиу вчера се соочија за време на изјава на министерот.
„Според службените белешки двете службени лица велат дека има физички напад, а од снимките кои јас ги видов во најмала мера има спречување на службено лице во вршење на службена должност, има напад по долни екстремитети“, рече Тошковски.
Тој директно го праша Салиу дали имал физички контакт со полицајците пред да го приведат?
Според новинарот такво нешто немало ниту во еден момент, по што Тошковски рече „Лажете господине Фуркан“.
Фуркан Салиу последниве денови е во центарот на вниманието на јавноста по објавувањето на документи од седница на врвот на ВМРО-ДПМНЕ на која се даваат задачи за изготвување пристрасни анкети и лажни вести за време на кампањата. ВМРО-ДПМНЕ последниве два дена соопштува дека секој треба да одговара според законот , ако Фуркан Салиу удрил некого од полицајците.