Фридом хаус: Надежите од соборувањето на Груевски допрва треба да се остварат

Националистичката партија на Груевски ја опструираше работата на парламентот додека беше опозиција, оценува Фридом хаус


Фото: Б. Грданоски

 

„Циклични хибриди“, е групата во која е ставена Македонија во најновиот извештај на Фридом хаус „Нации во транзиција 2024″.

Според оценката, таа е меѓу земјите во кои редовните промени во владејачката елита не носат значајни структурни промени и каде ривалските партии, во кои доминираат личностите или личните определби на нивните лидери, постојано ги политизираат и заробуваат слабите институции. Она што ја отсликува оваа категорија е „комбинацијата на политички плурализам и површни институционални промени“.

„Во Северна Македонија, надежите што се зголемија во 2017 година по соборувањето на антидемократскиот премиер Никола Груевски допрва треба да се остварат“, се вели во извештајот.

 „За разлика од Украина или Молдавија, Северна Македонија не презеде големи чекори за елиминирање на корумпираните покровителски мрежи, а моќта продолжи да осцилира меѓу коалициите на истата група партии, како што тоа се правеше со децении. Националистичката партија на Груевски ја опструираше работата на парламентот додека беше опозиција и е фаворизирана за да победи на претседателските и парламентарните избори во 2024 година. Ниту Груевски, ниту неговите најблиски соработници не беа изведени пред лицето на правдата за нивните злоупотреби на функцијата пред 2017 година. Уште полошо, контроверзните измени на Кривичниот законик во 2023 година ги намалија казните за таквите злоупотреби, предизвикувајќи отфрлање на историските случаи додека јавноста веќе се оптеретуваше од фатални корупциски скандали во здравството. Годината, исто така, имаше поларизирачка парламентарна дебата за уставните амандмани кои беа потребни за укинување на ветото на Бугарија на кандидатурата на земјата за пристапување во ЕУ“, стои во извештајот. 

Според Фридом хаус земјите со оценка како нашата имаат тенденција да заостануваат во реформите.

„Дефинитивната карактеристика на цикличните хибриди е комбинација на вистински политички плурализам и површни институционални промени. Тие имаат тенденција да заостануваат во однос на реформите насочени кон воспоставување силни бариери помеѓу јавниот сервис и приватната добивка. Затоа е од суштинско значење да се промовираат антикорупциски механизми и судски реформи во овие земји, а процесот на пристапување во ЕУ има важна улога во овој поглед. Ако на граѓаните и на новите влади им се обезбедат алатки и стимулации за темелно искоренување на антидемократските наследства по „пресвртни избори“, цикличните хибриди конечно можат да избегаат од нивните партизирани текови и да направат вистински напредок кон демократска консолидација“, стои во извештајот. 

Фридом Хаус нваедува дека „судството и понатаму е една од најкритикуваните и најнедоверливи институции во Македонија“. Извештајот ги споменува контроверзите околу смената на лидерот на Советот на судии, но и други скандали. Во извештајот директно се споменува изборот на синот на Талат Џафери стана обвинител.

„Покрај тоа, назначувањето на нови обвинители и судии со семејни врски со истакнати политичари (вклучувајќи го и синот на претседателот на парламентот Талат Џафери) ги зацврсти перцепциите на јавноста за непотизмот во судството“, се вели во дел од извештајот.

Во него се потенцира дека „корупцијата останува главна грижа и за јавноста и за другите меѓународни преставници“. Извештајот се осврнува и на поголемите корупциски скандали во изминатите години како што е скандалот со клиниката на Онкологија, пожарот во модуларната болница во Тетово и други скандали.Се спомнува и воведувањето на измените на Кривичниот законик која била „рационализирана“ со процедура во која се користи европското знаменце, а овие измени, според Фридом Хаус, биле „неочекувани“ и предизвикале јавен бес кај домашната јавност.

Фридом Хаус забележува дека во Македонија има зголемена политичка тензија меѓу власта и опозицијата поради уставните измени и бугарското вето, но дека таа теннзија почнала уште од усвојувањето на Преспанскиот договор од 2018 година.

„Слободата на изразување генерално се почитува, но медиумскиот пејзаж останува значително фрагментиран, вклучително и по етничка линија. Новинарите, особено оние кои известуваат за корупција и злоупотреба на власта, продолжуваат да се соочуваат со малтретирање и други предизвици“, се вели во извештајот.

Ова објаснува зошто во Извештајот на Фридом хаус од оваа година оценката за Северна Македонија бележи опаѓање – од ланската 3,86 на 3,79.

Од оценуваните седум категории нема промени во оценката за пет – национално демократско владеење, изборен процес, граѓанско општество, независни медиуми и локално демократско владеење, а падот се нотира во две категории – судска рамка и независност, и корупција.

Земјите се оценуваат со оценка од 1 (авторитарен режим) до 7 (консолидирана демократија). За потсетување, Северна Македонија во Извештајот од 2023 година доби оценка 3,86 за демократски прогрес, и тогаш бележеше напредок во споредба со 2022 година, кога таа оценка била 3,82. Последната оценка за РСМ сега е пониска од онаа што ја имаше во 2022 година.

Според извештајот на Фридом хаус 11 земји се во кaтегоријата хибридни режими, но и тие не се униформни, бидејќи ги карактеризираат разлики. Северна Македонија е во групата циклични хибриди заедно со БиХ, Црна Гора, Албанија и Ерменија, за разлика од Косово, Украина и Молдавија кои се во групата демократизирачки хибриди. Србија, Унгарија и Грузија се во групата автократизирачки хибриди.  

Од земјите во регионот Србија бележи најголем пад, како што се наведува поради нефер избори, заробени медиуми, ослабени општински власти и години на поткопување на независноста на судството.

„Западен Балкан е одговорен за многу загрижувачки случувања. Србија доживеа историски пад поради напорите на претседателот на земјата, Александар Вучиќ, да ја консолидира власта во 2023 година“, се наведува во извештајот.

Се додава дека масовното пукање во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград во мај ги поттикна протестите во текот на летото, на што српската влада одговори со „договорени предвремени избори“ во декември.

Во Извештајот, кој ги разгледува настаните од 2023 година, авторите посочуваат дека демократското владеење генерално е во опаѓање веќе 20-та година по ред, при што падот во автократии и хибридни режими е поинтензивн од подобрувањата во европските демократии (од 29 земји во 10 има опаѓање).

„Геополитчко престројување се случува во регионот на ‘Земји во транзит’ при што земјите се усогласуваат во два блока: трансатлантски – продемократски блок, и блок на автократиите кои ја отфрлаат либералната демократија“, заклучуваат авторите.