„Франс прес“ очекува загуби поради пандемијата, и покрај директната државна помош
Француската национална информативна агенција – АФП, очекува загуба на приходите како резултат на пандемијата со КОВИД-19, и покрај стабилната, системска финансиска поддршка од француската држава.
Претседателот на АФП, Фабрис Фрис, изјави дека АФП ќе мора да се потпре на сопствените сили за да го задржи профитот.
-Финансиската поддршка на француската држава е поставена за периодот од 2019 до 2023 година и ние не очекуваме никакви промени, зголемување или намалување. Но, бидејќи се соочуваме со пандемија ние мора да сметаме на нашите сопствени напори за одржување на профитот, рече Фрајс во извештајот за Европската асоцијација на информативни агенции.
АФП, патем, според четиригодишниот договор со француската влада, самата остварува околу 40 проценти од вкупните приходи.
Првиот човек на агенцијата очекува придружните компании на АФП, што своето делување не го темелат на продажба на содржини, ќе забележат загуба од 25 проценти од вкупните приходи од 20 милиони евра.
Фрис додаде дека медиумскиот пазар го очекуваат драматични промени поради пандемијата и смета дека продажбата на содржини на АФП ќе продолжи да опаѓа, но дека во иднина тие ќе се фокусираат на раст на приходите преку нови платформи и зголемување на изворите на приходи преку соработка со корпорации и институции, како и соработка со сестрински агенции.
Што се однесува до начинот на кој работеше за време на пандемијата, Фрајс рече дека АФП почнал „масовна“ програма за работа од дома, и дека во седиштето на агенцијата работеле помалку од 40 лица, наспроти работата во нормални услови кога има повеќе од 1.000.
-Мислам дека успеавме да одржиме извонредно ниво на производство на вести за нашите клиенти, истовремено одржувајќи ја безбедноста на нашите работници, заклучи Фрајс.