Францускиот уметник Рено Рулман ќе прави музика од македонски цвеќиња
Францускиот мултимедијален уметник Рено Рулман на 3 септември во галеријата „Остен“ со почеток во 20 часот ќе се претстави со изложба на графики – цијанотипии „Време е за чај“. Во рамките на изложбата Рулман ќе изведе и музички перформанс со генерирање на музика од македонски цвеќиња.
„Циклусот „Време е за чај” е серија на цијанотипии, специфичен фотографски графички процес со кој се продуцираат цијано-сини графики. Како фотограф на аналогна фотографија, Рулман ќе се претстави со 30 цијанотипии – како омаж на оваа техника (1842 г.), преку кои ќе покаже како да се направат копии од растенија како хербариум. Се работи за мешавина од сликарство, фотографија и геометрија“, информираат од галерија „Остен“.
Рено Рулман е роден во Ним, јужна Франција во 1982 година и е француски аналоген фотограф од 2008 година. Тој има специјализирано на музичка фотографија и архитектура. Во текот на 10 години, тој работи со неколку мизичари, брендови и простори во музичката индустрија и соработува со градители и креатори на стара органска архитектура. Користи стара техника на црно-бели филмови со Хазелблад (Hasselblad) и Контакс (Contax) фото-апарати и е посветен на создавање на цијанотипии со кои создава архива на растенија со кои ја зачувува убавината на природата.
Тој создава и музика од 1998 и со „Звуците на природата” развива проект со кој преку звук се сензибилизира комуникацијата со вегетацијата. Тој создава хербален звук со поврзување на растенија во живо, за да ги прикаже и валоризира терапевтските и медицинските можности на растенијата.