Францускиот предлог е лага, тврди Мицкоски


 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека „францускиот предлог е лага, голема лага“ и дека изборите во мај не се избори помеѓу Европа и изолација.

„Шест и пол години ја продаваат оваа шарена лага, потпишаа сѐ што им беше ставено на маса. Не само што не го заштитија националниот и државен интерес туку дополнително го оштетија и го отежнаа на генерациите кои што доаѓаат, па сега ќе мора да го вадиме, ги нарушија сите преговарачки позиции на Македонија и за сметка на тоа не добија ништо. Дури и ова последново што беше потпишано и наречено француски предлог, лага и тоа голема лага е дека е практично договор за членство за ЕУ. Ова е договор со кој што дополнително ќе се отвори процесот на дополнителни условувања и ќе го направи самиот пат невозможен за Македонија и македонските граѓани“, рече Христијан Мицкоски.

Според него, овие избори не се избор помеѓу Европа и изолација. Овие избори се одлука на граѓаните во Македонија помеѓу Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Зечевиќ, Маричиќ, Пендаровски и Ковачевски од едната страна и ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата од друга страна“. „Ги повикувам сите граѓани масовно да излезат на следните избори, да земат учество и да одлучат во каква држава сакаат да живеат“, порача Мицкоски.