Француски суд и забрани на полицијата да користи дронови на протести


Франција – Врховниот управен суд на Франција забрани употреба на беспилотни летала од страна на полицијата за покривање на протести во Париз, со што се поддржува позицијата на групите за заштита на приватноста, пренесува Би-Би-Си.

Државниот совет соопшти дека началникот на полицијата во Париз треба веднаш да запре со употребата на дронови заради следење на јавните собири.

Одлуката е донесена додека Парламентот расправа за контроверзниот закон за безбедност, кој вклучува употреба на беспилотни летала од страна на полицијата, чија цел е регулирање на споделувањето на полициските снимки и фотографии.

Групата за заштита на приватноста „La Quadrature du Net“ (LQDN) тврди дека мерките предвидени со закон ја нарушуваат слободата на изразување и дека беспилотните летала опремени со камери не можат да обезбедат мир, туку следат лица.

Државниот совет донесе одлука дека „постои сериозно сомневање во законитоста“ за употребата на дронови без претходно писмено овластување.

Групата посочува дека единствен начин на кој Владата може да легализира употреба на дронови е да понуди доказ дека такво нешто е неопходно за зачувување на редот и мирот, но, според нив, не е таков случајот.

Ова е втора по ред одлука во последните месеци да се спречи употребата на беспилотни летала од страна на полицијата во Париз. Истиот суд донесе одлука во мај дека беспилотните летала не можат да се користат за да се следи почитувањето на мерките за карантин.