(Фото, видео) Објавени снимки од оштетувањето на „Северен ток“, најверојатна причина е силна експлозија


 

Прелиминарната истрага за оштетувањето на два гасоводи „Северен ток“ во данскиот дел на Балтичкото Море покажува дека истекувањето дошло како последица на „силни експлозии“, соопшти денеска копенхашката полиција.

Истрагата за прекините на гасоводите „Северен ток“ 1 и 2 на 26 септември во ексклузивната економска зона на Данска треба заеднички да ја водат полицијата во Копенхаген и Данската безбедносна разузнавачка служба, наведува Ројтерс.

„Се уште е рано да се каже нешто за рамката за меѓународна соработка со, на пример, Шведска и Германија, бидејќи тоа зависи од неколку актери“, соопшти полицијата во Копенхаген.

Шведска ги отфрли плановите за заедничка истрага со Данска и Германија за неодамнешните експлозии на гасоводите Северен ток 1 и 2, објави во петокот неделникот „Шпигел“, повикувајќи се на германски безбедносни извори.

Шведска одлучи дека не може да ги сподели наодите од својата истрага со други земји од безбедносни причини, пишува весникот, а пренесува Ројтерс.

Во меѓувреме, шведски новинари од медиумот „Експресен“ објавија и фотографии од штетите на „Северен ток“.

Русија во средата објави дека испратила жалба до дипломатите на Германија, Данска и Шведска бидејќи претставниците на Москва и „Гаспром“ не биле поканети да се приклучат на истрагата за истекувањето на гасоводот што води од Русија кон Европа, пренесе Танјуг.

Причината за оштетувањето на гасоводот „Северен ток“ останува нејасна, но земјите од Европската унија претходно соопштија дека се сомневаат во саботажа, додека Русија ги нарече инцидентите „акт на меѓународен тероризам“ и го обвини Западот за истекувањето.