(Фото) Скопје ја пречека Леа Ипи како ѕвезда – слободата и демократијата се важни и за македонската публика
Познатата филозофка, авторка и професорка по политичка теорија на Лондонската школа за економија, Леа Ипи (1979, Драч), вчера беше пречекана како ѕвезда во Скопје – прво со закажаните ексклузивни интервју и редиците за автограм, па гостување на поткастот „Гол ручек“ на домаќинот „Антолог“ и со централниот настан синоќа – доделувањето на наградата Букстар за 2026 година за книгата „Слобода“.

Нејзиното гостување беше првиот официјален преднастан на 12-издание на BOOKSTAR, кој е посветен на прашањето „Чуму слобода“. „Лабораториум“ беше претесен да ги собере сите љубители на пишаниот збор и слободната мисла, кои дојдоа да ја видат и да ја слушнат Ипи, писателката која не се плаши да го сподели своето мислење, носејќи го Балканот и нејзиното детство на овие простори како уникатен беџ низ животот, но и низ творештвото.

Нејзиното книжевно и филозофско разбирање на слободата, на односот меѓу личното сеќавање и големите историски настани, како и на прашањето што останува од идејата за слободата кога таа ќе се соочи со реалноста, го слушнавме низ разговорот со професорката и наградувана писателка Калина Малеска, која воедно е и преведувачка на книгата на македонски јазик.

Големиот интерес и преполниот „Лабораториум“ покажуваат дека темите за слободата, демократијата, минатото и личниот избор се важни и за македонската публика.
Ипи во Скопје дојде како авторка на книгата „Слобода“ (Free), дело во кое преку личната и колективната историја го отвора едно од најважните и најсложените прашања на современото општество: што навистина значи да се биде слободен?

Книгата е истовремено филозофско истражување и лично сведоштво, во кое поимот слобода се разгледува низ различни историски, политички и општествени контексти. Преку искуствата од детството во Албанија во времето на комунизмот, транзицијата и подоцнежниот живот во Западна Европа, Ипи поставува прашања за границите меѓу личната и политичката слобода, за начинот на кој општествата го разбираат слободниот избор и за тоа колку нашата претстава за слободата зависи од времето и местото во кое живееме. Слободата може да биде лично искуство, но и политичко прашање, а подеднакво и творечки предизвик. Токму затоа за книгата „Слобода“ е добитничка на наградата „BookStar“ за 2026 година, за најактуелна книга во контекст на годинашното издание, потенцираше синоќа во обраќањето, универзитетската професорка Ивана Трајаноска.

Нејзиното гостување е важно не само како културен настан и доделување книжевна награда, туку и затоа што отвори простор македонската публика директно да разговара со авторка која има искуство со различни политички и општествени системи. Прашањата за слободата се особено актуелни и денес, бидејќи слободата не значи само да немаш забрани, туку и да имаш право на сопствено мислење, избор, образование, политичко учество и достоинствен живот.
Присуството на Леа Ипи беше овозможено со поддршка на Комерцијална банка А.Д. Скопје и Министерството за култура и туризам.

Ипи студирала филозофија и литература на римскиот универзитет „Сапиенца“, а докторирала на Европскиот универзитетски институт (EUI) во Фиренца. Полето на нејзиниот научен интерес ја опфаќа нормативната политичка теорија, политичката мисла на Просветителството (Кант), се занимава со марксизам, критичка теорија, национализам, интелектуална историја на Балканот (особено на Албанија). Објавила бројни трудови во областа на политичката теорија.
Неодамна британскиот часопис „Проспект“ ја вброи меѓу десетте најзначајни светски мислители.

Авторка е на повеќе академски книги, а пошироката публика ја запознава со мемоарот „Free: Coming of Age at the End of History“ („Слобода: созревање на крајот на историјата“). Книгата ја доби наградата „Ондатје“ од Кралското книжевно друштво, наградата „Слајтли Фокст“ за најдобро прво биографско дело, беше во најтесен избор за наградите „Коста“, „Бејли Гифорд“ и „Гордон Бирн“. За книга на годината ја прогласија Њујоркер, Вашингтон пост, Фајненшел тајмс, Тајмсовиот книжевен додаток, Форин аферс, Сандеј тајм., Преведена е на повеќе од 35 јазици, а на македонски јазик ја објави издавачката куќа „Или-или“ во 2024 г.

Двете средби со Леа Ипи – поткастот „Гол ручек“ и свеченото доделување на наградата „BookStar“ – се прв дел од Фестивалот на европска литература BookStar 2026, чија главна фестивалска програма ќе се одржи од 28 до 30 септември во Скопје .