(Фото) Редици луѓе чекаат ваучери за инвертери пред салата „Борис Трајковски“
Откако Министерството за енергетика, ридарство и минерални суровини најави дека денеска ќе ги додели ваучерите за инвертер клими, кои корисниците од Скопје треба лично да ги подигнат од салата „Борис Трајковски“, таму од утрово се забележуваат редици луѓе.
Веќе неколку часа постојано пред вратите на салата доаѓаат луѓе, кои се редат во ред и чекаат да ги подигнат ваучерите во висина до 30.000 денари.
На пладне пак, се очекува на доделувањето во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје да дојде и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, под чија надлежност падна доделувањето на оваа помош за граѓаните од неколку региони, мерка донесена од претходната власт.
Според Министерството, вкупно 6.182 домаќинства ќе добијат ваучери. Преку Програмата за енергетска ефикасност во домаќинствата добитници на вредносен ваучер од 23.000 денари или 25.000 денари се 4.591 домаќинствo, а преку Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија добитници на вредносни ваучери во вредност до 30.000 денари се 1.591 домаќинство.
Доделувањето на ваучерите во СЦ „Борис Трајковски“ ќе се одвива од 9 до 17 часот, а во Битола во спортската сала „Боро Чурлески“ од 9 до 17 часот, додека за останатите градови, подигнувањето на вредносните ваучери ќе биде во центрите за вработување за што Министерството склучи меморандум за соработка со АВРМ.