(Фото) Падна дел од фасада во Капиштец, нема повредени
Делови од фасада на зграда во Капиштец, на улицата „Народен фронт“, се гледаат на патеката која поминува покрај зградата, во која, на приземјето е сместена банка.
Долги делови од фасада, дебели околу 10-тина сантиметри се паднати по бетонската патека која ја окружува зградата, а која е фреквентна преку ден, со оглед на тоа дека во овие неколку згради сместени се банки, а во близина е и трговскиот центар „Беверли хилс“, како и повеќе маркети.

Деловите се паднати од долниот дел на издадениот прв кат, а височината е повеќе од 4 метри.
Можеби падот на овие делови нема да убие никого, но оној кого би го погодиле доколку се нашол под зградата во времето на падот, сигорно ќе го болеше главата со денови.

Во Законот за домување стои дека: „(4) Определен градежен елемент се смета за заеднички дел, доколку им служи истовремено на повеќе станови, при што претставува функционална целина на станбената зграда (како на пример, проодни тераси, надворешна страна на балкон што воедно претставува и фасада на зграда и слично).“
Овој Закон предвидува и дека за заедничките делови на зградата се грижа и надлежност на управителот на зградата, што може да биде уредено со претседател на Куќен совет или фирма која управува со зградата, односно која ги собира парите кои станарите месечно ги уплаќаат за одржување на зградата.
Сепак, во главниот град, може да се види, а и да се посведочи дека секогаш кога треба да се направи посебна интервенција на заедничките делови и да се уплатат дополнителни средства од месечно определените, се наидува на отпор кај станарите, кои или не плаќаат или не се согласуваат со интервенцијата.
За интервенции на вакви големи делови и општината знае да субвенционира, но со оглед на бројноста на објектите, се работи за мал процент опфатност.(Б.Б)