(Фото галерија) Почна претседателската кампања, само на Ванковска ќе биде „сиромашна“
Низ главните градски улици осамнаа рекламни паноа на речиси сите претседателски кандидати, а видливи се и неформалните пи ар активности
Од утрово Скопје е во знак на претседателската кампања. Низ главните градски улици осамнаа рекламни паноа на речиси сите претседателски кандидати, а видливи се и неформалните пи ар активности. Само кандидатката на Левица, Билјана Ванковска, утрово на прес-конференција најави дека кампањата ќе и биде скромна и сиромашна, исто како народот во државата.
„Ние немавме големи конвенции, филхармонии, хали, ниту пак ќе имаме. Тоа зборува за нашиот пристап во оваа кампања која ќе биде скромна и во согласност со нашите можности, всушност онаква каков што е нашиот народ – сиромашен, скромен, напатен и обичен. Тој не сака билборди како за Ким ил Сунг, како што има утрово еден до мојата канцеларија. Тоа ме изненади зошто доаѓа од професорка која до скоро критикуваше вакви мегаломански реклами“, порача утрово Ванковска, очигледно упатувајќи ги критиките до Гордана Силјановска-Давкова, кандидатка на ВМРО-ДОПМНЕ.
Инаку, и нејзината партија исто така има пристап до државниот буџет, иако не во ист обем. Еве дел од предизборната атмосфера:
Освен Бујар Османи со слоганот „Европски претседател“, кој веќе цел месец води кампања и го има на сите страни и во сите форми, се појавија првите пораки за „Горда Македонија“ на Гордана Силјановска, на Стево Пендаровски како „Нашиот претседател“, на Максим Димитриевски со „Максим-ум за Македонија“… Со претседателската се провлекува и парламентарна кампања.
Фото: Б. Грданоски и социјални мрежи