Фон дер Лајен била хоспитализирана една недела


Фото: Б. Грданоски

Брисел – Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен набргу по Нова година била хоспитализирана во болница, каде останала околу една недела, јави ДПА повикувајќи се на извори во ЕК.  

Портпарол на Европската комисија за „Еурактив“ потврдил дека Фон дер Лајен била хоспитализирана поради пневмонија околу една недела, додавајќи дека таа „никогаш не била на интензивна нега“.

– Таа беше во секојдневен контакт со нејзиниот тим во Комисијата. Таа сега работи од дома, додека дополнително се опоравува од оваа тешка болест, изјавил портпаролот за „Еурактив“. 

Претходно, неделава главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо соопшти дека Фон дер Лајен боледува од пневмонија, но дека е на домашно лекување и се уште ги извршува своите должности. 

Претседателката на Европската комисија се уште не добила покана за инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на 20 јануари, изјави денеска нејзината портпаролка Пола Пињо.

„Ако добие покана, ќе видиме, но во моментов нема планови (да присуствува на инаугурацијата)“, рече Пињо.

Странските лидери традиционално не присуствуваат на инаугурацијата на американските претседатели од безбедносни причини, но на церемонијата ги претставуваат највисоките функционери.

Поканите, меѓу другите, ги примија и кинескиот претседател Си Џинпинг, поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и италијанскaта премиерка Џорџа Мелони.