„Фолксваген“ го суспендира производството?


Германскиот производител на автомобили Volkswagen ги предупреди вработените дека производството може привремено да биде запрено бидејќи компанијата се соочува со недостиг на чипови.

Компанијата од Волфсбург, како што е наведено во интерното известување, е подготвена брзо да реагира доколку ситуацијата дополнително се влоши.

Според извештајот во германскиот весник Bild, Volkswagen веќе контактирал со германската агенција за труд во врска со евентуалното спроведување на скратено работно време.

Ова би можело да влијае на десетици илјади вработени во различни фабрики на концернот.

Главна причина за проблемот е ситуацијата во холандската компанија Nexperia, која е во сопственост на кинески концерн и моментално е во центарот на трговскиот конфликт меѓу Кина и Соединетите Американски Држави, објавува Wirschaftsvohe.

Тензиите во Nexperia би можеле сериозно да влијаат на испораките на електронски контролни единици во автомобилите на Volkswagen.

Здружението на европски производители на автомобили (ACEA) и германското здружение на автомобилскиот сектор (VDA) веќе предупредија за можни прекини во производството и ги повикаа властите да интервенираат за да обезбедат стабилни испораки.