Флоријан Бибер: Тие што го блокираа европскиот пат на Скопје, не добија ништо со својот национализам


Оние што го блокираа стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, не добија ништо со својот национализам на изборите во Бугарија, оцени во објава на Твитер луксембуршкиот универзитетски професор, историчар и експерт за Балканот, Флоријан Бибер.

– Имајќи ги предвид резултатите од изборите во Бугарија, дали можеме да кажеме дека никој од оние кои решија да ја блокираат Северна Македонија за преговорите со ЕУ, не профитираше од овој евтин националистички обид? Време е да се продолжи понатаму, наведе Бибер во објавата.

На парламентарните избори во Бугарија победи коалицијата на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и Сојузот на демократските сили (СДС), предводена од премиерот Бојко Борисов со освоени 25,8 отсто од гласовите, пред партијата Има таков народ на Слави Трифунов со 17,5 проценти и блокот на Бугарската социјалистичка партија (БСП) до 14,8 отсто.

Места во идното бугарско Народно собрание обезбедија и партијата на бугарските Турци, Движењето за права и слободи (ДПС) со освоени 10,2 проценти од гласовите, коалицијата Демократска Бугарија со 9,4 отсто и блокот „Исправи се! Мафијата надвор!“ со 4,7 проценти.

Партијата ВМРО – Бугарско национално движење (ВМРО-БНД) на актуелниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој беше најжесток со својата националистичка реторика кон земјава, освои 3,6 отсто од гласовите и не успеа да го надмине изборниот праг од 4 проценти, што е услов за освојување мандати во Парламентот на Бугарија.