Фискална стратегија: Помал буџетски дефицит, зелени даноци, 5 отсто ДДВ за топлинска енергија…


Во периодот 2021 – 2023 година порастот на вкупните расходи на Буџетот постепено ќе забавува од 11,7 отсто годинава, на 5,4 отсто во 2023 година, што ќе овозможи со очекуваната наплата на приходите постепено да се намалува и вкупниот буџетски дефицит од 6,8 отсто од БДП во 2020 година на 3,2 отсто во 2021 година, 2,2 отсто од БДП во 2022 година и 2 отсто од БДП во 2023 година, се вели во најновата Фискална стратегија што ја усвои неделава Владата. Во неа исто така е предвидено и воведување зелено оданочување за да стимулираат даночните обврзници за помало загадување, потоа намалување на стапката на ДДВ за топлинска енергија од 18 на 5 отсто, поголема праведност во оданочувањето, но без притоа да се прецизира дали ќе се активира прогресивнот оданочување, за кое е наведено дека како мерка е замрзната.

Во документот кој е јавно достапен на интернет страницата на Министерството за финансии, се посочува дека буџетскиот дефицит во 2021 година ќе изнесува 23,1 милијарди денари, 16,9 милијарди денари во 2022 година и 15,8 милијарди денари во 2023 година.

„Ова значи дека во овој среднорочен период се предвидува постепена фискална консолидација“, се вели во документот, при што се додава дека финансирањето на планираниот дефицит, како и отплатите на долгот, ќе се обезбедуваат преку задолжување од странски и домашни извори.

„На почетокот на 2020 година државата се задолжи со краткорочен заем кај домашни банки во износ од 132,9 милиони евра, којшто беше наменет за отплата, односно рефинансирање на дел од долгорочниот кредит во износ од 155 милиони евра. Како разултат на новонастаната ситуација со вирусот Ковид-19 финансирањето на зголемените потреби се реализираше преку задолжување кај ММФ, Светска банка, ЕУ и со еврообврзница, како и преку задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност. Преку оваа финансиска структура, државата ќе може непречено да го финансира буџетскиот дефицит како и да врши отплата на обврските по основ на долг што достасуваат во текот на годината“, наведуваат од Министерство за финансии кои ја подготвија стратегијата.

Во периодот 2021-2023, задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање на еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал и преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти.

„Изборот на конкретен извор за надворешно финансирање ќе се темели на тековните и очекуваните состојби на меѓународните пазари на капитал“, се вели во Стратегијата.

Покрај странските пазари, државата и во наредниот период ќе се задолжува на домашниот пазар преку издавање на државни хартии од вредност, со што, како што се нагласува, ќе се обезбеди дополнително финансирање под поволни услови, користејќи ги ниските каматни стапки и интересот на инвеститорите. Од Министерството за финансии најавуваат дека ќе продолжат да издаваат државни обврзници со подолги рочности, при што ќе се намали ризикот за рефинансирање на долгот, а не се исклучува и предвремена отплата на дел од јавниот долг, односно постигнување поповолна рочна, валутна и каматна структура на долгот.

Од Министерството за финансии укажуваат и на многуте непознати при креирањето на среднорочната фискална рамка. Се наведува дека среднорочните фискални проекции се базирани на среднорочно основно сценарио, под кое се подразбира дека утврдувањето на фискалните проекции произлегува од вршењето на „вообичаените надлежности“ на буџетските корисници дефинирани во постојното законодавство, постојните обврски и задачи, кои се резултат на веќе одобрените повеќегодишни обврски, договори и тековни проекти.

„Во рамки на основното сценарио не се опфатени новите иницијативи за финансирање, кои во основа се однесуваат на нови проекти и нови финансиски обврски, значителна промена на временска и финансиска рамка на проектите, како и промени во законодавство кои предизвикуваат фискални импликации по буџетот“, се вели во документот.

Расходната страна на Буџетот, како што се нагласува, целосно е креирана во функција на остварување на стратешките приоритети, забрзување на економскиот раст и интеграциските процеси во ЕУ и НАТО.

„Просечното учество на вкупните расходи на Буџетот во периодот 2021-2023 година изнесува околу 32,5 отсто од БДП“, се вели во Фискалната стратегија.

Од приложената структура на буџетските расходи се гледа дека и во наредниот период главните трошења ќе бидат за социјални надоместоци (54 отсто), за плати 14 отсто, трансфери до единиците на локалната самоуправа 10 отсто, субвенции и трансфери 9 отсто, за материјални расходи се наменети 8 отсто и за камати 5 отсто.

Сепак, како што се нагласува во Стратегијата, во наредниот период ќе се зголемуваат средствата за јавни инвестиции, како предуслов за подобрување на економските перспективи и подобар живот на граѓаните. Тоа се предвидува и во вкупен износ, но и како учество во БДП, од сегашните околу 3 отсто на речиси 4 отсто од БДП во 2023 година.

Планиран е значителен износ на капитални инвестиции преку користење на средства од Буџетот, вклучително и средствата обезбедени со заеми од меѓународните финансиски институции и билатерални кредитори. Планираните износи укажуваат на интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања за патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството“, се наведува во Фискалната стратегија, при што се додава дека покрај Буџетот, преку Јавното претпријатие за државни патишта во тек се значајни инвестиции во делот на патната инфраструктура, што ќе продолжи и во наредните години.

Во однос на јавниот и државниот долг, графички е претставена линијата на движење заклучно со оваа 2020 година при што се наведува дека јавниот долг изнесува 50,7 отсто од БДП, а државвниот 41,8 отсто, но нема проекции каков ќе биде трендот во периодот 2021-2023 година за кога и се однесува Фискалната стратегија.

Подетални проекции за движењето на државниот и јавниот долг ќе бидат презентирани во Стратегијата за управување со јавен долг за 2021-2023 година“, се вели во Фискалната стратегија.

Во документот само се наведува дека државниот долг на 31.03.2020 година изнесуваше 4,57 милијарди евра, односно 41,8 отсто од БДП, како и дека доминантно учество има долгот на централната влада кој изнесува 4,56 милијарди евра, додека долгот на општините изнесува 10,8 милиони евра.

Вкупниот јавен долг го вклучува државниот долг и долгот на јавните претпријатија и трговски друштва во доминантна или целосна државна сопственост (гарантиран и негарантиран) и тој на 31.03.2020 година изнесуваше 5,55 милијарди евра, што претставува 50,7 отсто од БДП. 

Долгот на централната влада претставува 99,7 отсто од вкупниот државен долг на крајот на првиот квартал од 2020 година и овој долг директно се управува од Министерството за финансии. Кај останатите нивоа на долг, како што се долгот на општините и долгот на јавни претпријатија и трговски друштва во доминантна државна сопственост гарантиран од државата, Министерството за финансии учествува во процесот на задолжување, но не може да влијае врз интензитетот на повлекување на средства кај склучените заеми, се вели во документот.

Во него исто така се додава дека со настапувањето на Ковид-19 кризата, се зголемија потребите за финансирање што резултираасо поголемо задолжување на меѓународниот пазар на капитал, а зголемените потреби за финансирање проследени со намалените проекции за економски раст, го зголемија индикаторот јавен долг/БДП кој на крајот на 2020 година, кој заради зголемените финансиски потреби и намалениот економски раст ќе биде повисок од планираниот во ревидираната Фискална стратегија 2020-2022 година.

Фискалната стратегија се усвојува за период од три години и со неа се предлагаат насоките и целите на фискалната политика, основните макроекономски проекции и показатели, се утврдуваат износите за главните категории проценети приходи и одобрени средства за тој период, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот.

Фискалната стратегија е клучниот инструмент за среднорочно буџетско планирање, вклучувајќи и процена на новите иницијативи за финансирање. Среднорочна буџетска рамка е клучната алатка за поврзување на среднорочните буџетски одлуки со оние што се утврдени за таргетите за дефицитот и долгот. (M.J.)