Фирмата „Акрон“ од отпадно стакло произведува стаклен гранулат наменет за извоз


Странските приватни фондови ги препознаваат потенцијалите на македонските компании, оценија денеска вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски по посетата на Центарот за третман на отпадно стакло на фирмата „Акрон“ во Скопје.

„Акрон“ е корисник на кофинансиран грант од ФИТР за проектот „Отпадно стакло“ и е една од 420-те компании поддржани од ФИТР изминатите три години.

 

-Проектот го почнавме со поддршка на ФИТР. Пред тоа, отпадното стакло во земјава завршуваше на депониите низ државата. Ние денес правиме готов производ – прочистен стаклен гранулат, наменет исклучиво за извоз. Сметаме дека проектот е многу добар, генерира работни места и прави девизен прилив, изјави Александар Пенев од „Акрон“.

Според Царовска, примерите како „Акрон“ се дополнителен стимул за натамошна поддршка на инвестициите во иновации и технолошки развој.

-„Акрон“ покажува што значи една комапнија да се развива и да помогне да се подобрат еколошките стандарди зашто работи на рециклирање отпад, го продава со многу висока доадена вредност и го извезува, што директно влијае на подобрување на нашата економија. Воедно покажува дека имаат бизнис што е одржлив тука, во земјава, зашто во период на ковид ги задржаа сите работници, но и платите на исто ниво, без да побара поддршка. Ова ни дава сила да развиваме ваков тип програми кои преку ФИТР директно ќе вложуваат во комапниите кои сакаат да имаат иновации во производството и тенолошки да се развиваат за да освојуваат нови пазари, истакна Царовска.

Таа додаде дека домашните компании имаат потреба и од поддршка за произведување крајни производи, не само репроматеријали, кои би ги продавале на надворешните пазари со повисока додадена вредност.

-Ова денес е една оаза на технолшки развој. Компанијата успеа да обезбеди сигурен пласман, со приходите во првите шест месеци веќе ги надминала вкупните лани, а за ваков тип суровина, со 10 пати поголема додадена вредност, има странски пазар. „Акрон“ реализира проект од 10 милиони денари од кои 30 отсто се сопствени вложувања, вработува десет луѓе , а развојните планови се амбициозни. Има и странски инвеститор кој влезе во сопственичката структура, значи странските приватни фондови ги препознаваат потенцијалите на македонските компании. Очекувам уште вакви успешни приказни, рече Деспотовски.