Фиренца ги забрани рентирањата станови преку Airbnb


Фиренца, една од најпопуларните туристички дестинации во Италија, ги забрани платформите за краткорочно рентирање на станови како што е Airbnb во нејзиниот историски центар, како најнов потег на локалната власт да ослободи домови за локалното население.

Правилата, одобрени од тосканскиот град доцна во понеделникот, нудат и тригодишни даночни олеснувања за сопствениците на постојните краткорочни закупнини, доколку се префрлат на обични закупи.Градоначалникот на Фиренца, Дарио Нардела, рече дека градот одлучил да дејствува локално бидејќи плановите на владата да го регулира овој сектор биле разочарувачки.

„Во 2016 година имавме нешто помалку од 6.000 станови на Airbnb, денес имаме речиси 14.378“, рече тој, истакнувајќи дека за тој период просечната цена на обичните месечни станбени кирии пораснала за 42%. Годинава цените се зголемени за 15,1%, рече Нардела. „Околу 40.000 граѓани на Фиренца кои живеат во центарот се жалат дека мора да живеат во апартмани-хотели“, додаде тој. Нардела е член на централно-левичарската Демократска партија, дел од опозицијата на национално ниво.

Како и во другите европски земји, ниските плати, недостигот на имот, краткорочните изнајмувања за одмор и високата инфлација ја поттикнаа станбената криза во Италија, при штотие со  ниските заработувачки и студентите беа особено погодени. Слични проблеми има и подалеку, со заострување на регулативите во Њујорк за краткорочно изнајмување.

Марко Стела, регионален координатор на партијата Форца Италија, дел од десничарската владејачка коалиција, рече дека ќе поднесе жалба до управниот суд против потегот на Фиренца.

Лоренцо Фањони, претседател на Property Managers Italia,  рече дека правилата се „целосно погрешен избор што се коси со либерализмот на пазарот“. Airbnb не одговори веднаш на барањето за коментар.

Централната влада работи на предлог-закон со кој, според пишувањата на медиумите, ќе се бара минимум престој од две ноќевања во имоти во историските центри на градовите и општините со голема густина на туристи.