Финална проверка на водата за пиење во Гостивар – Кога ќе биде укината забраната?
Откако минатата недела и од централниот и од локалниот кризен штаб беше оценето дека квалитетот на водата во Гостивар се подобрува, гостиварци го чекаат моментот кога ќе биде укината забраната за користење на водата за пиење и подготовка на храна.
Вчера попладне се очекуваа резултатите од последната анализа на водата, а доколку и тие бидат добри, тоа би значело дека се создаваат услови за укинување на забраната.
Забраната за користење на водата за пиење и подготовка на храна ја донесе Агенцијата за храна и ветеринарство на 17 јули, поради загаденост со фекалии и преголеми количини на хлор. Од АХВ треба да ја донесат и одлуката за нејзино укинување.
Од локалниот кризен штаб изминатите денови информираа дека резултатите покажуваат дека микробиолошки водата е веќе чиста, додека нивото на хлор постепено се доведува во соодветните граници. Сепак, за забраната да биде укината потребни се три последователни резултати кои ќе покажат дека водата ги исполнува условите за безбедно користење за пиење и подготовка на храна.
-Трите лабаратории земале мостри на секои 12 часа. Резултатите што ги добиле изутринва се добри, и покажале дека водата е исправна според физичките, хемиските и микробиолошките параметри. Се очекуваат уште резултатите кои биле земени вчера вечерта кои пак се очекуваат да кои биле земени вчера вечерта кои пак се очекуваат да излезат некаде после 16 часот. Токму, затоа Централниот кризен штаб ќе даде предлог утре АХВ да излезе со
соопштение и да ја укине забраната за користење на вода за пиење во Гостивар – вели Зуди Џелили – Координатор на Кризниот штаб во Гостивар.
Од Кризниот штаб апелираат граѓаните да не брзаат со користењето на водата за пиење сè додека не добијат официјално зелено светло од Институтот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство дека водата е безбедна за употреба.
Проверките ќе продолжат и во наредниот период, а ќе се работи и на подобрување на снабдувањето во деловите од градот каде што притисокот на водата е многу слаб, објаснуваат од Кризниот штаб во Гостивар.
-Доколку и вечерните резултати ја потврдат исправноста на водата, ние како локален кризен штаб ќе имаме можеби прес со членови од централниот кризен штаб и ќе им соопштиме
на граѓаните дека дефинитивно водата е добра за пиење од водоснабдителниот систем во општина Гостивар – посочува Џелили.
Со очекуваното укинување на забраната, по повеќе од пет недели би завршила голготата на гостиварци со питката вода. Водата во изминатиот период се контролираше секојдневно, од повеќе мерни места, а анализите се вршеа во три лаборатории.
Она што останува непознато за јавноста до сега е: што точно покажуваат анализите од почетокот на кризата до денес. Резултатите од лабораториските испитувања досега не се објавени, иако повеќе од три недели водата е предмет на засилена контрола.
Доколку последните анализи бидат добри и се исполнат условите со трите последователни резултати, одлуката за укинување на забраната останува во надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Проблемот со загадувањето на водоснабдителниот систем предизвика здравствени проблеми кај околу 5000 жители. За загадената вода со фекалии Артана Асани, Леон Уредини и
Вадедин Дервиши, кои беа на раководни позиции во Јавното претпријатие „Комуналец“, добија 30-дневен притвор. Тие се осомничени дека со одредени дејствија поврзани со
водоснабдителниот систем во Гостивар овозможиле мешање на загадена вода со водата од системот за пиење.