Филозофскиот факултет доби бесплатен wi-fi во дел од зградата


Зона со бесплатен интернет е отворена во внатрешноста на Филозофскиот факултет во Скопје, за што Министерството за дигитална трансформација издвои 10 милиони денари. Во наредниот период интернет треба да добијат и сите предавални, амфитеатрите, библиотеките и кабинетите. 

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска оствари работна посета на Филозофскиот факултет во Скопје, каде заедно со деканот проф. д-р Оливер Бакрески ја потврдија досегашната успешна соработка преку потпишување Меморандум за соработка и ја претставија новата бесплатна интернет зона наменета за студентите.

„Можам да најавам дека ова е првата ваква зона која Министерството за дигитална трансформација ја обезбедува од сопствени средства. Вакви зони ќе предвидиме и во студентските домови каде што постои потреба, како и на останатите факултети и универзитети. Најмногу се фокусираме на просторот каде што се присутни најмногу студенти и професори“, изјави Андоновски.

Министерот се осврна и на проектот за ваучерите за електронски уреди за студенти, за којшто рече дека со овие два проекти се овозможува надминување на дигиталниот јаз којшто постои меѓу студентите.

Андоновски појасни дека сакале со ова да почнат од студентските домови, но сфатиле дека таму веќе постои бесплатен безжичен интернет, па продолжиле со факултетите. Дополнително, факултетите се обврзани сами да воспостават безжичен интернет, но дел од нив, според Андоновски не се во можнот, па затоа министерството им помага.

На новинарско прашање, каков импакт ќе има оваа мерка кога се знае дека минатата недела во Универзитетот „Мајка Тереза“ беше промовиран асистент со вештачка интелигенција, а во Албанија има виртуелен минитер, Андоновски рече дека за поздравување е потегот на „Мајка Тереза“, а албанскиот министер го оквалификува како маркетинг. 

 Деканот Бакрески  се заблагодари на министерството и рече дека особено им значи пред големиот јубилеј 105 години од Филозофскиот факултет.