Филмска треска во Битола


Јубилејното 40-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ на црвениот тепих во Битола донесе голем број гости од земјава и странство, љубители на филмот, филмски работници- кинематографери, актери, режисери, претставници на највисокиот политички врв на државата, дипломати, јавни личности.

Сите дојдоа да ја почувствуваат магијата на филмот во градот кој веќе 40 години им се оддолжува на браќата Јанаки и Милтон Манаќи. „Едно кадро за мене, едно за историјата“ било нивното мото под кое токму од Битола ја започнаа балканската филмска историја.

На свечената церемонијата во саботата беа врачени наградите „Златна камера 300“ за животно дело на Едвард Лакман и „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ што ДФРМ му ја додели на композиторот Љупчо Константинов, а фестивалот беше отворен со најновиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар, „Болка и слава“, кој премиерно беше прикажан на Канскиот фестивал.