Филмови на Рајко Грлиќ во Кинотека
Со проекција на „Само еднаш се љуби“, вечер од 20 часот во Кинотеката ќе почне ретроспектива на филмови од Рајко Грлиќ. До вторник публиката ќе може да види уште шест играни и еден документарен филм од познатиот хрватски режисер.
Утревечер ќе бидат прикажани „Во челуста на животот“ и „Чаруга“, в недела – документарниот „Секоја добра приказна е љубовна приказна“ и играниот „Нека остане меѓу нас“, на 3 јуни – „И да пукне, нека пукне“ и „Караула“, и на 4 јуни – „Устав на Република Хрватска“.
Вечерашниот филм „Само еднаш се љуби“ учествувал на Канскиот фестивал во 1981 година, во програмата „Извесен поглед“, а актерот Мики Манојловиќ на фестивалот во Валенсија ја освоил наградата за најдобра машка улога. Според филмските критичари, овој филм на Грлиќ го покажува репресивното дејствување на поранешниот систем и врз приватноста и раздвојува две епохи во хрватската кинематографија.
Кинотеката соопшти дека Рајко Грлиќ, кој е школуван на филмската академија ФАМУ во Прага, ќе присуствува на сите проекции, а на 3 јуни ќе одржи мастер-клас на Факултетот за драмски уметности.
Како режисер и косценарист има потпишано 11 долгометражни играни филмови, има и голем број телевизиски серии и филмови во кои е косценарист или продуцент. Меѓу нив е и култната телевизиска серија „Бос в трње“ од 1975 година во режија на Срѓан Карановиќ, за која е сценарист на сите десет епизоди. Автор е и на десетина краткометражни играни и документарни наслови.
Во последните две децении Грлиќ е на релација меѓу Хрватска и САД – каде што работи како професор по филмска режија.