Филмот „Медена земја“ прикажан на затворањето на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси


Со прикажувањето на документарниот филм „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска синоќа во францускиот град Нанси заврши 25. издание на Меѓународниот филмски фестивал, јавува дописникот на МИА.

Тоа беше премиерно прикажување во Франција на „Медена земја“, што се најде во официјална селекција на европски документарни филмови. Филмот предизвика огромен интерес и беше поздравен со аплауз од бројната публика.

Публиката на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси е навикната да гледа македонски филмски продукции, кои редовно се застапени на големиот екран, а неколку македонски филмови освоија и награди на фестивалот.

На фестивалот беше прикажан и долгометражниот игран филм „Незаборавна пролет во заборавено село“ во режија на Куштрим Бектеши, кој беше прикажан во официјалната ревијална програма „Под ѕвездите“, што е една од најгледаните на фестивалот.

На Фестивалот во меѓународната натпреварувачка селекција на кратки филмови се најде и филмот „Една“ на Вук Митевски, во конкуренција со 30 други филмови, избрани меѓу 2.800 пријавени филмови за оваа програма.

На Меѓународниот филмски фестивал од Нанси беа прикажани над 170 филмови од повеќе од 60 земји, со посебен фокус на Јужна Кореја. Половината од филмовите беа краткометражни во различни натпреварувачки категории, посебна селекција за млада публика, има натпреварувачка европска селекција на документарни долгометражни филмови и престижната селекција „Под Ѕвездите“ – проекции на отворено. Годинава, публиката на фестивалот во доцните вечерни часови ја забавуваше и македонскиот ДЏ Чико (Игор Блажевски) од Битола.

Целта на фестивалот во Нанси е надминување на границите и предрасудите со отворање кон светот.