Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија” со награда за сценарио во Казахстан


Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска на штотуку завршениот 15. филмски фестивал Евроазија во Казахстан ја освои наградата за најдобро сценарио за сценаристите на филмот Елма Татарагиќ и Теона Стругар Митевска.

Месецов филмот ќе биде прикажан на седум фестивали, а ќе започне и негова кино дистрибуција во Кина.

Во рамки на турнејата овој месец филмот беше прикажан на филмски фестивал во Ерменија, а идната недела ќе биде емитуван пред хрватската публика на филмскиот фестивал во Пула.

Филмот претпремиерно ќе биде прикажан во филмски фестивал во Нов Зеланд од 18 јули до 11 август, како и на филмскиот фестивал во Одеса, Украина.

Годинава филмот се здоби со шест награди и ќе биде дистрибуиран во над 35 земји. Во моментов филмот се уште се прикажува во киносалите низ Франција и Швајцарија, а веќе е прикажан и на триесетина фестивали.