Филмот „Глас“ премиерно на фестивалот во Бусан
Долгометражниот игран филм „Глас“ на хрватскиот режисер Огњен Свиличиќ, во кој малцински копродуцент е „Скопје филм студио“, влезе во програмата на 24. Интернационален филмски фестивал во Бусан, Јужна Кореја (Busan International Film Festival-BIFF), еден од најзначајните азиски фестивали, кој ќе се одржува од 3 до 12 октомври.
„Скопје филм студио“ соопшти дека светската премиера на „Глас“ ќе биде во рамки на програмата „World Cinema“, која е значајна затоа што ги прикажува новите филмски остварувања на режисерите кои со своите дела помагаат да се разберат последните трендови во светската кинематографија. Програмата е посветена на нови неазиски наслови на реномирани режисери, како и филмски хитови од штотуку завршените светски фестивали.
„Глас“ е копродукција меѓу „Максима филм“ од Хрватска, „Скопје филм студио“ од Северна Македонија и „Биберче продукција“ од Србија, а проектот беше поддржан од Агенцијата за филм на РСМ, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Хрватската радио-телевизија и Филмскиот центар на Србија.
Филмот е приказна за младо момче кое пристигнува во католички интернат и дава отпор на верските практики на училиштето. Учениците и наставниците го сметаат момчето за прилично чудно.
Сценариото за филмот го напишаа Огнен Свиличиќ и Маријана Верхоев, директор на фотографија е Маринко Маринкиќ, сценограф е Ивана Шкрабало, костимографијата е на Емилија Ивановска-Атанасовска, снимател на звук Игор Поповски, а монтажата на Наташа Пантиќ. Продуцент на филмот е Дамир Терешак а копродуценти се Томи Салковски и Николина Вучетиќ. Улогите ги толкуваат: Франко Јаковчевиќ, Белма Салкуниќ, Игор Ковач, Карла Брбиќ, Барбара Вицковиќ.
Фестивалот во Бусан има десетина различни програмски секции, а Азискиот филмски маркет кој се одржува во склоп на фестивалот е еден од најголемите на источната хемисфера. ИФФБ е единствениот фестивал на територијата на Јужна Кореја впишан на листата на Меѓународната федерацијата на асоцијации на филмски продуценти.