Филмаџиите на протест ако Министерството за култура го скрати буџетот за филмска дејност


Над 50 македонски режисери и продуценти преку отворено писмо до јавноста го изразија својот револт до Министерството за култура заради кратењето на предвидениот годишен буџет за филмска дејност, како што нагласуваат, без никаква најава или консултацци со Агенцијата за филм.

Филмаџиите неофицијално дознале дека меѓу другото, во предлогот што Министерството за култура го доставило до Владата на Република Северна Македонија се наведува дека Министерството нема да дозволи ниту користење на средствата од сопствената сметка на Агенцијата за филм на која се акумулираат средства од различни извори.
 

„На овој начин се нанесува штета на и онака кревката филмска индустрија во Македонија и се доведува во прашање егзистенцијата на филмските автори, продуценти, филмски работници, актери и сите останати учесници во процесите на реализација на филмските проекти.

Блокирањето на овие филмови доведува до голема штета врз македонската кинематографија и на интернационално ниво, бидејќи во проектите учествуваат меѓународни продукции кои се финансирани од национални европски фондови и Еуримаж – најголемиот фонд за европски копродукции формиран во рамките на Советот на Европа, се вели во писмото.

Според нив, континуираната пракса на кратењата на буџетот за филмска дејност на Агенцијата за филм во последните години доведува до системско уништување на дејноста, наспроти зголемувањето на содржините и буџетите во цела Европа.

„Сето ова се случува во годините кога македонскиот филм ги постигнува најголемите успеси на интернационално ниво.

Од Министерството за култура бараме повлекување на предлогот за кратење на средства за филмска дејност во тековната 2023 година и овозможување на користење на средствата од посебната сметка на Агенцијата.

Во спротивно, ќе немаме друг избор освен нашиот револт да го изразиме со протести и со повлекување на нашите филмови и ТВ серии од кината, платформите и телевизиите во Република Северна Македонија. 

Се надеваме дека нема да бидеме доведени до оваа ситуација и дека предлогот за кратење на средствата за производство на филм ќе биде повлечен од страна на Министерството за култура, стои во писмото на потпишаните 53 филмаџии, меѓу нив Тамара Котевска, Теона и Лабина Митевска, Ѓорче Ставрески, Даријан Пејовски, Вардан Тозија, Дина Дума, Марија Апчевска, Игор Иванов, Георги Унковски, Андреј Волкашин, Срѓан Јанакиевиќ, Елеонора Венинова, Дина Дума, Роберт Насков и други.