Филков го брани незаконското именување на Пандов за в.д. директор
Министерот за правда Игор Филков го бранеше денес незаконското именување на Александар Пандов за в. д. директор на Управата за извршување на санкции. Иако во практиката „врие“ од такви незаконски именувања за да се најдат партиски членови на одредена функција, Филков тврдеше дека одлуката има легална основа во Законот за влада и во Законот за извршување санкции, поточно во членот 27, став 2 кој и дава ингеренција да назначува директори на раководни тела.
Филков ја отфрли забелешката на новинарка дека за именувањето на в.д. директори има пропишана процедура во Законот за висока раководна служба, а според која директор може да се избира само на јавен оглас, а в.д. директор – само од редот на вработените во соодветната институција. Наспроти тоа, Пандов дојде на оваа функција диреттно со одлука на влада на 2 јуни.
На забелешката потоа дека Пандов е историчар по образование и дека нема ниту еден ден работа во областа на санкции, а е ставен на одговорна функција, со прашање – како добил идеја како министер да го назначи, Филков остана без објаснување.
Пандов е член на ВМРО-ДПМНЕ и е претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ. Досегашен директор на Управата беше Јовица Стојановиќ, долгогодишен службеник во Управата кој во неколку наврати беше директор и на затворската управа, но и на затворите во Идризово и во Тетово.
Од владата испратија и кратка биографија на новиот директор во која стои: Пандов е дипломиран историчар на Институтот по историја на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Бил пратеник во македонското собрание од 1998 до 2002 година. Пандов има работно искуство во приватниот сектор.
Затворската Управа за извршување на санкциите е надлежна за состојбите во затворите и за реформите на затворскиот систем кој е најкритикуваниот сегмент во областата на правото и правдата. Имаше повеќе инциденти во затворите, но и палења на автомобили на директор и началници од затворите. Од друга страна, затворениците се жалеа на лоши услови за сместување и за здравствена помош.
Министерот за правда негираше исто така дека новата влада се разидува со Брисел околу ставот за Судскиот совет. Според него и тој, и премиерот и ЕУ се на иста задача и дека е подготвен да отвори широка дебата на оваа тема за да се дојде до заедничко решение околу реформата на ова тело. Инаку, едно од главните предизборни ветувања на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ беше распуштањето на Судскиот совет од кое сега очигледно се ретерира, или пак се оддолжува додека не попушти притисокот на Брисел.