Жолтите комбиња станаа дронови: Филипче за обвинувањата на Мицкоски
Претседателот на СДСМ денеска го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека измислувал лажни приказни затоа што не можел да се справи со водењето на државата. Одговарајќи на новинарско прашање за наводно следење со дронови на Мицкоски кога бил лидер на опозиција, Филипче на денешната прес-конференција во Собранието рече дека тоа не се единствените измислици од вмровскиот наратив.
„Лагите на премиерот еволуираат во зависност од тоа како еволуира технологијата. Во еден дел жолтите комбиња еве станаа дронови, во друг дел видовме на собраниската седница дека шилото стана црвче. Премиерот откога е на функција, како да живее во некој паралелен универзум, некои работи само тој ги гледа. Имаше некое мито за Коридорот 8 кое само тој го виде, имаше дестабилизација, па сега нема. Па ‘Бехтел и Енка’ беше скандалозно коруптивен проект каде што сега се сликаат и повикуваат на промоција“, изјави Венко Филипче.
На собраниска седница, Мицкоски, одбегнувајќи да одговори на пратеничко прашање на претседателот на СДСМ, Филипче поврзано со скандалозното назначување на Бојан Христовски за директор на АНБ, рече дека кога било ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, безбедносните го следеле со дронови. Познатата теза на претходникот на Мицкоски, Груевски „вистината е како шило“, сега Мицкоски ја преиначи во „вистината е како црвче“. Кога беше во опозиција Христијан Мицкоски велеше дека договорот со „Бехтел и Енка“ е историски криминал, за пред некој дена да каже дека е супер проект.
„Би рекол дека тој измамнички пристап е карактеристичен само за луѓе кои што не можат да се носат со функцијата и бегаат во лага тогаш кога имаат сериозен предизвик и не може да изреагираат, немаат што да направат“, рече лидерот на СДСМ.