Филипче за намаленото ДДВ: Мерките на Владата се фрлање магла
По пресот на премиерот Христиојан Мицкоски, на кој најави мерки за ублажување на последиците од ценовниот скок на горивата и ја обзнани владината одлука за намалување на ДДВ-то за горивата, со реакција се јави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, копј рече дека мерките на Владата се фрлање магла и замајување на граѓаните.
„Од мерката утре нема ништо да видиме. Ќе има нова пресметка на цената. Други земји забранија точење гориво на странци на пограничните пумпи. Сега пари од Буџетот одат за граѓаните од соседните земји. Ова не се економски политики. Премиерот не треба да ги повикува граѓаните од странство да доаѓаат да точат гориво во Македонија”, рече Филипче.
Според Филипче, мерката што денеска ја најави премиерот Мицкоски, да се намали ДДВ на горивата од 18% на 10% е задоцнета и е далеку од доволна, така што нема да придонесе за реално намалување на цените на горивата кои што граѓаните ќе ги плаќаат.
„Цените на горивата веќе три недели се покачени. Прво дизелот се покачи за 14 денари, па потоа за уште 7 денари, и тоа се 21 денар. За утре се очекува ново поскапување на горивата. И имајќи го предвид ова намалување на ДДВ-то, тоа значи дека граѓаните нема да видат во текот на утрешниот ден, следната недела, следниот период вистинско намалување на цените на горивата кои што ќе ги плаќаат на бензиските пумпи. Туку горивото очекуваме да се зголеми за дополнителни 4 до 6 денари согласно новата пресметка на цената.Значи, апсолутно задоцнета и мерка која што никако нема да даде ефект кој што ќе го почувствуваат граѓаните.
Досегашните покачувања на цените ги чинеа граѓаните околу 4,5 милиони евра. Толку пари досега дадоа граѓаните повеќе, од кога почна кризата.Се поставува прашањето што чекаше премиерот Мицкоски три недели? Сè поскапе затоа што не реагираше на време.Три недели ги остави граѓаните сами. Наместо навремена реакција, дозволи цените на горивата да ја активираат спиралата на раст на цените на сите производи, најмногу на храната.Започнати се веќе поскапувањата, маслото за јадење е над 100 денари, јајцата над 300 денари, зеленчукот и овошјето над 100 денари за килограм.И сега нема мерка за намалување на цените на храната.А овие цени кога еднаш ќе се покачат тие повеќе нема да се вратат назад.Се прашувам со кое лице без срам излезе премиерот пред граѓаните со само една половична мерка. За да ни зборува колкави се цените на горивата во соседството?“- рече Филипче.
Мицкоски на прес конференција обвини дека претходната Влада молела на колена за донација од вакцини во ковид-кризата.Филипче му порача дека тогаш цел свет имал проблем.
„Христијане, ние не клечевме на колена како тебе молејќи за власт и ветувајќи дека ќе го вратиш името”, рече Филипче.
Според него, Владата на премиерот Мицкоски единствено што следи е како тоне стандардот на граѓаните, без притоа да се преземат реални мерки за намалување на цените на горивата и на храната. Филипче посочи дека власта не презема суштински мерки за справување со растот на цените во услови кога граѓаните ќе немаат пари да се прехранат.
„Денеска нема други мерки, следела владата будно. Што следи? Како тоне стандардот на граѓаните? Тоа ли следи премиерот? Очигледно е дека оваа влада намерно избегнува суштински мерки како што се намалување на акцизите на ДДВ-то, нешто што навистина може да даде реално поевтинување на цените на горивата, како и намалувањето на ДДВ-то на храната“, рече Филипче.
Тој додаде дека во оваа кризна состојба единствено со мерките што ги предложи СДСМ ќе се заштити животниот стандард, а граѓаните реално ќе почуствуваат намалување на цените на горивата и на храната.
„Само со мерката за укинување на ДДВ на храната ќе поевтинат околу 250 производи, а граѓаните ќе заштедат над 2.000. Тоа се вистински мерки и затоа владата мора апсолутно веднаш овие мерките ги прифати и потоа да подготви и пакети за помош на ранливите категории. Три недели ги остави граѓаните сами. Наместо навремена реакција, дозволи цените на горивата да ја активираат спиралата на раст на цените на сите производи, најмногу на храната“, рече Филипче.
Воедно, Филипче посочи дека се потребни и долгорочни решенија за стабилизирање на цените и конкретна поддршка за најранливите категории и за земјоделците.
„Суштинските решенија мора да опфатат и мерки за долгорочно намалување на цените на храната комбинирано и со акцизите на цените на горивата. Луѓето немаат пари да ги прехранат семејствата. Дополнително треба да се подготват пакети со помош за најранливите категории на граѓани, како и пакети за помош и на земјоделците“, рече Филипче.