Филипче вели дека пензиите се под ризик


Венко Филипче зборува на партискиот собир во Струмица

 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на регионалната средба со општинските организации од изборната единица 4, што се одржа во Струмица, предупреди дека економската состојба во државата е сериозно влошена и дека постојат сериозни проблеми во јавните финансии, што веќе се одразува и врз работењето на компаниите. Но дека и пензиите се ставени под ризик.

Тој рече дека буџетската дупка се продлабочува, а државата продолжува да се задолжува. 

„Ја следиме ситуацијата со финансиите. Владата бара заеми. Последниот е околу 300 милиони евра. Дупката во буџетот е некаде околу две милијарди евра. Една  милијарда евра се издаде еврообврзница, меѓутоа тоа не е доволно“, рече Филипче. 

Во обраќањето Филипче нагласи дека власта доцни во подмирување на обврските, што веќе негативно се одразува врз приватниот сектор.

„Се доцни со исплатата кон економските субјекти, некаде околу 500-600 милиони евра.  Околу 100 милиони евра е долгот по основ на повратот на ДДВ за компаниите. Има компании коишто затвораат, не можат да издржат, земаат кредити“, рече Филипче. 

Тој додаде дека владата ја става во ризик и исплатата на платите и пензиите, а економската состојба со вака поставени економски параметри дополнително ќе се влоши поради случувањата на Блискиот Исток.