Филипче вели дека „корупцијата за кредитот од Унгарија се гледа од авион“


 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во Струмица, во одговор на новинарско прашање, изјави дека законот за кредит од Унгарија што го најави Владата, е голем корупциски проект за кој каматите ќе ги плаќаат идните генерации.

„За жал морам да констатирам дека корупцијата во овој закон се гледа од авион. Имено, како никогаш досега една фирма која ќе биде одговорна за провизиите ја назначува унгарската банка која ги дава парите, тоа никогаш не било сценарио и не се случило во нашата земја. Секогаш кога имало меѓународна куќа, таа била етаблирана, позната и ја обезбедувала државата со цел да се заштити. Сега некој друг ни кажува кои адвокати и која фирма ќе ги земе тие провизии. За жал, сметам дека тоа е еден голем корупциски проект кој што е озаконет, односно веќе влегува во законска процедура, генерации и генерации ќе плаќаат понатаму камати“, изјави Филипче.

Тој рече дека загрижува и фактот што Владата го криеше овој закон од јавноста и сега се носи по скратена постапка.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција изјави дека трошоците за провизиските услуги ќе бида 70 илјади евра, кои земјава треба да ѝ ги плати на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка, која на земјава треба да ѝ позајми 500 милиони евра.

„Од овие половина милијарда што ќе бидат земени како заем, овие 70 илјади евра се трошоците и тоа е нешто повеќе од 0,1 процент“, изјави Мицкоски.

Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата.