Филипче: Ваквиот Изборниот законик не е ниту европски, ниту демократски
Зошто двојни аршини за гласање: луѓето дома да гласаат со отисок на прст, а во дијаспората електронски, праша лидерот на СДСМ
Изборниот законик вака како што е предложен не е ниту европски, ниту демократски, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конферениција.
Според него, сегашното предложено законско решение, особено во делот на гласањето на дијаспората по електронски пат, отвора сериозни сомнежи за регуларноста и легитимноста на изборниот процес.
„Денеска, премиерот го слушнавме сите, рече би прифатил измени во поднесениот предлог за измена на Изборниот законик за сè и за сите наши забелешки, точки, освен за гласањето на дијаспората. Едноставно, најспорниот момент, премиерот инсистира да остане во законот. Токму овој начин на гласање на дијаспората, којшто го предлага Христијан Мицкоски да сè имплементира кај нас, не е ниту европски, не е ниту демократски“, рече Филипче.
Тој рече дека ваквиот модел и многу поразвиени земји не успеале да го спроведат со соодветна контрола.
„Се предлага гласање на дијаспората по електронски пат. Начин на кој што се обидоа да го имплементираат многу поразвиени земји од нашата, како, на пример, Франција, и откако увидоа дека тоа не може да се спроведе како што треба, со соодветна контрола, тие го повлекоа“, рече Филипче.
Тој додаде дека не треба да се има двојни аршини кон гласачите во изборниот процес, а токму тоа се прави со електронското гласање.
„Зошто гласачот тука дома да има таков механизам на гласање, да се проверува идентитетот со фингерпринт и така натаму, при тоа начин на гласање, воведен на барање на ВМРО-ДПМНЕ пред неколку години, а сега целосно спротивно, нашите иселеници од земјата да гласат без никаква контрола. Зошто такви двојни аршини? Зошто да се доведеме во ситуација, да се сомневаме дека изборниот процес бил нерегуларен, може да биде хакиран“, рече Филипче.
Оваа измена на закон, со која што се воведува ваков начин на гласање, електронски, на нашата дијаспора, не знаеме колку илјади луѓе се тоа, 100, можеби 200 илјади луѓе, отвора можност за злоупотреба, за контролирано гласање, за тоа еден човек да гласа во име на повеќе луѓе. Не постои механизам, ниту амандман, со којшто овој предложен начин на гласање на дијаспората може да биде целосно безбеден“, рече претседателот на СДСМ.
Тој побара да се отвори поширока стручна расправа, да се формира експертска работна група, која ќе ги разгледа сите аспекти за понатаму да може да се имплемнтира.
Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека Црна Гора ќе доби 3,2 милијарди евра од новиот буџет на ЕУ од 7 години бидејќи напредува на европскиот пат. Македонија нема никаков исчекор кон ЕУ, а власта не ги исполни ветувањата за европска интеграција, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не може два пати да ги излаже граѓаните.
„Ништо тоа што ветија не исполнија. Каде е Европа? Ниту едно отворено поглавје“, рече Филипче.