Филипче: СДСМ се враќа, Мицкоски ја води државата во „чуден и нејасен“ правец
Лидерот на СДСМ најави идеолошка и политичка стратегија за ребрендирање и модернизација на партијата со назив „Блупринт за социјадемократија“
Новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче, најави денес на прес-конференција дека „СДСМ се враќа“ и дека кризата по изборите е надмината.
„СДСМ е подигната на нозе и функционира. Првата фаза од стабилизирањето на партијата е завршена“, порача Филипче, најавувајќи дека до почетокот на октомври ќе се изберат делегати за конгресот. Тој најави и иницирање на нов политички процес со име „Блупринт за социјалдемократија“, како и поагресивно дејствување на СДСМ во Собранието во наредниот период.
И, откако порача дека СДСМ се консолидира и функционира, Филипче даде оценка и за првиот месец од работата на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, кој, според него, е прилично лош и секој ден се случува скандал. Нарекувајќи го нивното владеење големо лицемерие, Филипче порача дека сѐ што ветиле погазиле и дека државата ја водат во „чуден и нејасен правец“, дека милијардата на Виктор Орбан е форма на должничко ропство и дека немањето развој и контролен механизам за трошењето на парите може да ги загрози фискално секторите битни за граѓаните, како што е здравството и други.
Тој дури се сомневаше дека милијардата заем е навистина од Орбан, оценувајќи дека нема логика некој за себе да се задолжува со повисоки камати а на нас да ни дава кредит со пониска. Притоа, тој јавно запраша дали можеби има некоја друга зад овие пари и дали можеби со нив ќе се преземаат медиуми и компании, најавувајќи дека ќе инсистираат Владата што поскоро да го даде законот за заемот во Собранието и да даде објаснувања за него.
Како деградирачки тој го оцени и односот на новата Влада кон работничките права, а пред сѐ кон зголемувањето на платите, наводно бидејќи буџетот е во хаос и нема средства.
„Лага е дека нема пари во буџетот“, тврдеше категорично Филипче, потсетувајќи дека СДСМ и покрај три кризи во континуитет секогаш успеваше да најде пари за зголемување на платите на работниците, го регулираше регресот за годишен одмор и обезбеди други права, а сега ВМРО-ДПМНЕ ги става повторно на второ место, создавајќи услови да продолжат иселувањата.
„ВМРО-ДПМНЕ ја враќа старата политика во која Македонија е рај за евтина работна сила, а каде вработените се секогаш на второ место. ВМРО-ДПМНЕ не предвидува зголемување на платите практично во ниту еден сектор, ниту во образованието, ниту во здравството, ниту за полицијата, ниту за Армијата, а не се почитуваат ниту обврските од општиот колективен договор и нема да има зголемување ниту на минималната плата на 450 евра, како што бараа синдикатите. Ќе се покачуваат плати само по потреба и за поткуп, не постојано и систематски. Ова многу силно ќе им се удри од глава“, рече Филипче.
Тој потсети дека со ова ВМРО-ДПМНЕ ја суспендира политиката на континуирано зголемување на платите.
„Во 2024 година луѓето бараат подобри услови за работа, бараат повисоки плати, бараат можности – не бараат некој да ги понижува и третира како евтина работна сила, рече Филипче. Пратеничката група на СДСМ, според него, изготвила амандмани за ребалансот на Буџетот, за кој денеска почна расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет и додаде дека тие ќе се однесуваат на пронаоѓање на средства за оние на коишто во моментов им недостасуваат, а посебен акцент ќе се стави на можностите за зголемување на платите на работниците.
Пред прес-конференцијата, ваквите ставови СДСМ ги најави со соопштение во кое стоеше дека по 3о дена на власта Христијан Мицкоски е премиер на Влада која спровела „убедливо најлоши политики за рекордно кратко време“. Па ги набројаа:
-
- Да го прекинат растот на платите, една од најдобрите политики на СДСМ.
- Да се направат 4 нови министерства за вдомување на партиски кадри.
- Да ја задолжат државата на рекордни 68% јавен долг.
- Да го зголемат буџетскиот дефицит со ребалнасот на рекордни 4,9 отсто.
- Да отворат затворен проблем со Грција и ја блокираат одново земјата.
- Да се возат со другарите министри во луксузни бизнис класи и да кријат за тоа.
- Да си прават фамилијарни патувања и да кријат за тоа, исто така.
- Неговите најблиски соработници добиваат подароци од 325.000 евра и молчат со денови за тоа. Потоа несмасно се вадат од калта, тој исто така си молчи.
- Да молчи Мицкоски кога исчезнува македонското знаме од институциите, тема на која претходно беше гласен.
- Да не обезбеди 5000 денари за пензионерите, реалниот раст ќе биде до 1000 денари, а за некои категории 0 денари.
- Да смести министерка во Владата со бугарско државјанство, а за тоа претходно да крева хистерија.
- Министерот за внатрешни работи да не може да реши ниедно убиство во шест месеци. Грешка, едно решено од 6 убиства, најлош резултат на истраги во историјата.
- Државата да е претворена во Див Запад со масовен раст на криминалот по улиците.
- Да молчи пред Радев и Главчев додека тие јасно кажуваат што очекуваат од него. Потоа да снима видеа и да се чука во гради.
- Да се срами да го користи името Македонија, па ја нарекува нашата земја, татковината или воопшто да не ја нарекува никако.
- Да излаже дека нема да го користи името Северна Македонија, а го користи ама скришно.
- Да не обезбеди учебници иако во кампањата убедуваше дека ќе обезбеди.
- Да фрла лопати на инвестиции од СДСМ додека државата гори. Потоа да се скрие пет дена од срам.
- Целосно да потфрли со реакцијата на пожарите во неготинско каде изгоре цела планина. СДСМ и граѓаните четри и пол дена порано реагираа на состојбата.
- Најава дека недела неработен ќе се укинува, една од најзначајните придобивки за работниците.
- Целосно седнување во скут на друга држава и ставање на Македонија во економско и политичко заложништво за 500 милиони евра.
- Да си го прифати „Бехтел и Енка“ кој за него беше најкриминалниот проект во историјата.
- Да не ги покачи платите на клучните сектори, здравство и образование, а да објаснува како тие се селеле заради лошите услови.
- Да имаме претседателка на држава која не знае дека доброволен воен рок се служи откако е укинат задолжителниот.
- Направена е паралелна координација на Влада на министрите од ВЛЕН, воведување на паралелизам, Мицкоски да си молчи, а порано тоа беше албанизација на институциите.
- Да оди наоколу и да се жали како Калимеро дека „нема пари, нема правда“ со буџетот, а тоа да биде целосна лага со која се манипулираат работниците дека нема да им се качат платите.
- Да постави заменик министер на МВР со физичко образование. Не е ни чудо што нема ефект во истрагите. Целосен дебакл на кадровската политика во прв и втор ешалон.
- Да лаже дека го болат колената, а да се качува на Водно за сликање секој вотр викенд.
- Да се покачи цената на лебот и да не интервенира.
- Да се покачи цената на струјата и да не интервенира.
Генерално, Филипче најави дека периодов ќе биде фокусиран на средби и разговори со членството и раководствата од партијата и дека во текот на летово ќе се формираат работни групи од кои дел ќе бидат сите членови на партијата без разлика дали се во моментов дел од партиските органи, со цел СДСМ да биде функционална, а сите партиски тела оперативни.
„Целта е да се формираат работни групи во коишто ќе членуваат не само официјалните во моментот општински раководства туку и овие луѓе коишто на некој начин се тргнати на страна и во рамките на тие групи да почне и формалниот процес на општински конференции во кои ќе започне и изборот на нови делегати на Конгресот, имајќи предвид дека мандатот на овие делегати истекува на крајот на септември, а целта е крајот на септември и почетокот на октомври со се ова што го правиме сега да се конституира новиот конгрес со новите делегати којшто ќе го избере централниот одбор којшто понатаму ќе го избере и новото раководство на партијата. До тогаш целиот процес ќе го водат работните групи, рече Филипче.
За „Блупринт за социјадемократија“ рече дека ќе биде идеолошка и политичка стратегија за ребрендирање и модернизација на СДСМ.
„Со него ќе направиме реафирмација на социјадемократските вредности прилагодени на новото време земајќи ги предвид секако новите политики коишто ќе ги презентираме на еден инклузивен начин, со широка платформа во којашто беа вклучени многу фактори што ги делат нашите вредности“, истакна Филипче. (С.Ј.)